Посета на амбасадорот на Швајцарската конфедерација на дел од проектите на ПЗП во Македонија
Јавен повик за „Туристички инфо центар Пониква“
Национална стратегија за заштита на природата
Со цел унапредување на процесот на спроведување на националното законодавство за заштита на природата и понатамошно усогласување на националното со законодавството на ЕУ, преку Програмата за зачувување на природата во Македонија беше подготвена Национална стратегија за заштита на природата – Нацрт верзија. Покрај стратегијата, Програмата ќе поддржи и реализација на активности од Стратегијата насочени кон зајакнување на капацитетите на национално ниво и создавање на услови за примена на екосистемски услуги.
Зајакнување на капацитетите на ЦРИПР и општините во брегалничкиот регион за одржливо управување со природните ресурси
За успешно спроведување на ПЗП, како и одржливост на постигнатите резултати, значајна компонента е поддршката на активности за јакнење на капацитетите на Центарот за развој на Источниот плански регион (ЦРИПР) и општините од регионот, во делот на зачувувањето на природата и одржливото управување со природните ресурси. Досега преку ПЗП беа поддржани иновативни и креирани по мерка алатки и формати за учење, како и трансфер на знаење и искуства.Овој пристап ќе продолжи да се применува и понатаму со цел ЦРИПР и општините во иднина да бидат лидери во зачувувањето на природата во регионот, преку самостојно спроведување на проекти и активности.
Воспоставување на заштитени подрачја и природни реткости во брегалничкиот регион
Заштитените подрачја се воспоставуваат заради заштита на биолошката разновидност во рамките на природните живеалишта, процесите коишто се случуваат во природата, како и абиотичките карактеристики и пределската разновидност, истовремено овозможувајќи социо-економски придобивки за локалното население. Заради отпочнување на процесот на воспоставување на заштитени подрачја во брегалничкиот регион, во рамките на Програмата, најпрво беше направена анализа на недостатоците во еколошките податоци и карта на еколошка сензитивност на регионот од интерес, со што беа идентификувани потенцијалните подрачја за заштита.
Со поддршка на Програмата преку широк консултативен и партиципативен процес ќе бидат развиени три сценарија за заштитени подрачја во брегалничкиот регион и ќе се селектира најсоодветното. Исто така ќе се поддржи подготовката на соодветна документација за прогласување на заштитени подрачја, како и воспоставување на соодветна структура за управување. Ќе бидат поддржани и активности за ревитализација на крајречна вегетација, како значаен хабитат во брегалничкиот регион и изработка на стандардни формулари за потенцијални Натура 2000 подрачја.
Развој на „еко“ туризмот во Источен плански регион
Во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија, со активна вклученост на голем број заинтересирани страни, беа изработени Студија за потенцијалите за развој на туризмот во ИПР како и Стратегија за развој на туризмот во ИПР со акционен план (2016-2025), која претставува основен стратегиски документ на ЦРИПР за развој на туризмот. Исто така со поддршка на Програмата беа реализирани 4 приоритетни активности дефинирани во Стратегијата. Програмата ќе продолжи со поддршка на активности за развој на „еко“ туризмот, преку формирање на координативно тело, зајакнување на локалните капацитети, поттикнување на start-up бизниси, како и номинирање на Лесново за UNESCO гео-парк и воспоставување на еко-етно парк Чешиново – Облешево.
Подигање на јавната свест за значењето на природните вредности
Програмата за зачувување на природата во Македонија посветува големо внимание на подигањето на јавната свеста за значењето на природните ресурси и можноста за нивно одржливо користење. Во првата фаза од ПЗП, беа развиени неколку различни алатки за различни целни групи и тоа: Facebook страна „Со грижа до бериќет“, Instagram профил, YouTube канал, електронски весник, а исто така беа организирани и специјални настани, кампањи и беа подготвени кратки видеа. Во втората фаза од ПЗП продолжува комуникацијата со јавноста преку инвентивни алатки кои ќе придонесат на прифатлив начин да го приближиме значењето на природата кон населението на брегалничкиот регион и пошироко.
Поддршка на мали проекти
Преку поддршка на мали проекти кои се насочени кон зачувување на природата, одржливо управување и користење на природните ресурси во брегалничкиот регион, и спроведување на практики за користење на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, ПЗП придонесува кон подобрување на животните услови на локалното население во регионот. Досега од ПЗП беа поддржани вкупно 35 проекти во брегалничкиот регион, од кои 14 беа спроведени од страна на општините, а 21 од страна на НВОи. Следно, од ПЗП ќе бидат надградени или реплицирани најдобрите мали проекти реализирани во прва фаза, а ќе се поддржи имплементацијата и на нови проекти, кои вклучуваат соработка меѓу општините и невладините организации.
Повеќе информации за малите проекти реализирани во рамки на Програмата може да добиете на следниов линк: Мали проекти
Интегрирано управување со шумите
Интегрираното управување со шумите подразбира конкретни мерки за посветување внимание на прашањата за прилагодување кон климатските промени и мерките за нивно ублажување како и зачувувањето на биолошката разновидност. Во првата фаза од ПЗП, се воспостави соработка помеѓу УКИМ – Шумарски факултет од Скопје и Универзитетот за применeти науки од Берн (BFH-HAFL), Швајцарија, во насока на размена на искуства и знаења помеѓу двете институции во делот на новите пристапи во управување со шумите и зачувување на биолошката разновидност преку: подобрување на наставната програма на Шумарскиот факултет во Скопје; поддршка на дипломски и магистерски работи на македонски и швајцарски студенти и нивна работа во парови: како и реализација на блок предавања во брегалничкиот регион.
Поддршката на соработката помеѓу двете институции ќе продолжи и во втората фаза од Програмата особено во наскока на размена на искуства и зајакнување на капацитетите врз основа на подобрената наставна програма на Шумарскиот факултет во Скопје. Зајакнувањето на дијалогот на различни чинители ќе продолжи и во втората фаза преку изработка и тестирање на Регионален план за управување со шумите во горниот дел на реката Брегалница, вклучувајќи ги принципите на одржливо управување со шумите.
Едукативен центар за зачувување на природата
Едукативниот центар за зачувување на природата во с. Негрево, воспоставен во рамки на ПЗП, има за цел да им овозможи на учениците, студентите, и на другите посетители на креативен начин да се запознаат со природните вредности во брегалничкиот регион, како и да го поддржи едукативниот процес за зачувување на природата на сите нивоа од образованието во регионот и пошироко. ПЗП ќе продложи со поддршка на Едукативниот центар во насока на негова промоција, едукација на вработените и совети за стратешко планирање.