Онлајн работилница за спроведување на едукативни активности за значењето на рипариската вегетација за деца со посебни потреби
На 18 ноември, во рамките на Програмата за зачувување на природата во С. Македонија, Македонското еколошко друштво (МЕД) организираше online работилница со наставници од ОУ „Ванчо Прке“ од Штип кои спроведуваат едукација на деца со посебни потреби и различен степен на попреченост. Целта на работилницата беше наставниот кадар да се обучи за самостојно спроведување на едукативни содржини за значењето на крајречните шуми на реката Брегалница и нивното сочувување. Едукативниот материјал вклучува 17 интерактивни игри и активности кои се специјално дизајнирани за оваа ранлива категорија на деца. Во следниот период децата со помош на наставниците ќе имаат можност да се запознаат повеќе со реката Брегалница, живиот свет кој живее во реката и покрај реката, нејзините карактеристики и важност, како и главните функции кои таа, заедно со крајречните шуми ги врши.
Едукативните содржини и активностите може да ги погледнете во Прирачникот на следниот линк: Едукативни содржини и активности за деца со посебни потреби, за значењето, функциите и вредностите на рипарискиот појас на реката Брегалница