Малешево прогласено за заштитено подрачје – Заштитен Предел
Со одлука на Владата на Република Северна Македонија на 127 седница, дел од Малешево станува заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел.
Долгогодишните истражувања на природните вредности во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), примената на швајцарското искуство во вакви процеси, како и примената на партиципативен пристап со различни релевантни чинители придонесоа кон успешноста на овој процес.
Присуството на бројни меѓународно и национално значајни видови и живеалишта, значајни локалитети од аспект на геодиверзитетот, културното наследство како и вековната интеракција помеѓу човекот и природата која резултирала со појава на значајна пределска разновидност, го прават Малешево особено вредно за зачувување. Согласно одлуката на Владата, ЈП „Национални Шуми“ интегрирано ќе управува со заштитеното подрачје Малешево, а ПЗП ќе обезбеди дополнителна поддршка при изработката на Планот за управување и зајакнување на капацитетите на телото.
Процесот за прогласување на Малешево за заштитено подрачје се води во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем од Скопје. Локалната експертиза во процесот е на Македонското Еколошко Друштво – МЕД, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање – МЖСПП и целните општини Берово и Пехчево.