Природата, човекот и историјата
Од појавата на човекот како вид започнал да ја менува, модифицира и припитомува природата за свои цели и намери. Создал начини и методи за уредување на земјиштето, пренасочување на водните текови, одгледување на храна и лов.
Но, исто така човекот отсекогаш се восхитувал на маркантните релјефи, високи планински врвови, големите водопади, брзите реки, силните извори и старите шуми. Сето ова допринело дури до денес, многу голем број на локалитети или цели подрачја да останат зачувани, токму поради човековата почит кон овие дела на природата.
Многу често, токму овие ретки места човекот ги поврзувал и со своите духовни потреби, па станале места со теолошки вредности кои останале во културата на живеење на човекот и денес. Постојат многу примери денес, каде локалитети како ретки геолошки форми, шума или дури и поединечни стебла поради религиозни и духовни причини, човекот ги зачувал низ времето па сега добиваат форма на природни реткости или споменици на природата.
Низ брегалничкиот регион постојат многу такви примери, каде природата, човекот и културата се преклопуваат. Старата вековна дудинка, најстаро стебло од овој вид која бидејќи расте во самиот двор на Лесновскиот манастир останала зачувана дури 6 века е еден од тие. Но сепак најдобар пример за оваа појава е целиот Лесновски регион. Место каде се преклопуваат историјата на христијанството, геолошката историја на регионот со исконското занаетчиство на воденичарските камења.