Едукативните патеки и заштитата на животната средина
Едукативна патика е патека која е специјално наменета за прошетка низ природата и запознавање на одредени природни вредности или реткости. Се карактеризира со тоа што нејзината траса е поставена така да не ја нарушува природноста на теренот и најчесто е пропратена со инфраструктура од природни материјали, најчесто дрво и камен.
Едукативните патеки ја добиваат едукативната компонента преку поставување на информативни табли, патокози, модели, фотографии, мапи и други едукативни реквизити кои го запознаваат посетителот со локалната флора, фауна, геологија, екологија, култура и историја. Тие може да се долги од неколку стотина метри, па се до неколку километри.
Едукативните патеки според темата може да се општи; преку кои посетителот се запознава со општи информација за природата на подрачјето; специјализирани, низ кои се запознава со физички ограничен дел од подрачјето и тематски кои се наменети за одреден вид на растенија, животно, геолошка појава и сл.
Целта на ваквите патеки е да го зголеми знаењето на општата јавност за значењето на подрачјето, да го потикне развојот на локалниот туризам, да ги подобри условите за рекреација на населението и да ја зголемува еколошката свесност. Трасирање на барем една едукативна патека мора да е приоритет во развојот и управувањето на некои заштитено подрачје или подрачје со големо рекреативно значење. Патеките мора да се во склад со темата, релјефот и природноста.
Едукативните патеки се директен начин на пренесување на пораката за заштита на природата од институциите кон посетителите.
Во брегалничкиот регион може да уживате, посетите и да се едуцирате низ неколку патеки кои се уредени во рамки на активностите на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, како што се патеките на Петко и шумските жители во близина на Едукативниот центар за зачувување на природата во с.Негрево и на планината Голак, патеката на клукајдрвчето на Осоговските планини, патеката на биодиверзитетот во Делчево, еко патеката на Зрновска река и сл.