Се одржаа првите блок предавања на Шумарскиот факултет во Скопје од страна на проф. д-р Јурген Бласер од Факултетот за земјоделски, шумарски науки и храна во Берн
Во рамки на воспоставената соработка меѓу Шумарскиот факултет од Скопје и Факултетот за земјоделски, шумарски науки и храна, Швајцарија во периодот од 23-30 април 2014 година се одржаа првите блок предавања на Шумарскиот факултет во Скопје од страна на проф. д-р Јурген Бласер од Факултетот за земјоделски, шумарски науки и храна при Универзитетот за применети науки во Берн, Швајцарија. На 23 и 24 април2014 година на Шумарскиот факултет во Скопје се одржаа блок предавања на тема „Интегрирано стопанисување со шумите и климатски промени“. Предавањата предизвикаа голем интерес и присуствуваа преку 95 слушатели студенти, професори на Шумарскиот факултет, како и претставници на релевантните институции кои работат во оваа област: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП Паркови и зеленило – Скопје, Универзитетот Гоце Делчев од Штип и ЈП Македонски шуми.
Во насока на подобро запознавање со курикулумите на двата факултети на 25 април 2014 година на Шумарскиот факултет во Скопје се одржа работилница на која учествуваа повеќе од 12 професори од Шумарскиот факултет во Скопје, проф. д-р Јурген Бласер и претставници на Програмскиот тим за координација на Програмата за зачувување на природата во Македонија. Целта на работилницата беше да се направи споредба на курикулумите на двата факултета и да се дискутиираат можните подобрувања на курикулумот на Шумарскиот факултет особено во делот што се однесува на поголема застапеност на биолошката разновидност во студиите на факултетот.
На 29 и 30 април 2014 од страна на Програмата за зачувување на природата во Македонија беше реализирана теренска настава за 30 студенти од Шумарскиот факултет во Скопје кои имаа можност да се запознаат со дел од реалната состојба со шумите во Малешевијата, предизвиците за нивно управување и справувањето со климатските промени. На теренската настава свои излагања имаа професорите од Шумарскиот факултет од Скопје Николчо Велковски, Никола Николов, Ефтим Брндевски, претставници на подружницата на Македонски шуми Малешево од Берово и професорот Јурген Бласер од Факултетот за земјоделски, шумарски науки и храна од Швајцарија.
Овие активности беа реализирани како дел од интервенцијата за соработка помеѓу Шумарскиот факултет од Скопје и Факултетот за земјоделски, шумарски науки и храна при Универзитетот за применети науки во Берн, Швајцарија во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија.