Запознавање со потенцијалите за зачувување на шумскиот биодиверзитет во регионот
Како дел од активностите на Програмата за зачувување на природата во делот на зачувување на биолошката разновидност во шумските предели, во посета на регионот престојуваше професорот Урс Мулеталер од Универзитетот за применети науки во Берн. Целта на оваа посета беше првично запознавање со состојбата, предизивиците и можностите за зачувување на шумската биолошка разновидност во Источниот плански регион, што ќе послужи како основа за конкретни активности во следниот период, како и за насоки за поголема застапеност на теми поврзани со биолошката разновидност и зачувувањето на природата на Шумарскиот факултет во Скопје. Претставници на Проектниот тим за координација на Програмата за зачувување на природата во Македонија заедно со професорот Урс Мулеталер имаа работни средби со претставници на релевантните институции од оваа област: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Секторот за шумарство и ловство, Шумарскиот факултет во Скопје, како и со претставници на фондацијата CNVP и Националното здружение на сопственици на приватни шуми. Исто така посетени беа и подружниците на Јавното претпријатие Македонски шуми во Штип, Кочани, Виница, Берово, Пехчево и Делчево. Во рамки на посетата професорот Урс Мулеталер имаше можност и директно на терен да забележи дел од потенцијалите за кои беше дискутирано на средбите.