20
Сеп
2023

Промо тура во Вевчани и промоција на VevchaniGreen

Минатиот викенд на 16 и 17 септември дестинацијата за истражување и промовирање ни беше Вевчани. Со мала група љубители на природа, ги истражувавме неоткриените можности за развој на одржлив туризам во најмалата општина во Северна Македонија.

Со сета своја автентичност, традиција, природни потенцијали, компактност, како и сите активности и инвестиции во насока на зачувување на природата, Вевчани е идеална локација за посета од домашни и странски туристи кои сакаат да искусат едно поразлично доживување. Преку Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – излезна фаза, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од страна на Фармахем во изминатата година се спроведуваа активности насочени кон поддршка на општина Вевчани во процесот на развивање на одржливиот туризам според концептот Green Destinations, како алатка за обезбедување на дополнителни финансиска средства за заштитеното подрачје „Вевчански извори“. Под капата на VevchaniGreen се обединети општина Вевчани, како кандидат за зелена дестинација и 4 локални бизниси сретифицирани според Good Travel Seal Programme. Активностите се спроведуваа во соработка со Општина Вевчани, Министерство за животна средина и просторно планирање, Македонско еколошко друштво, Мастсидониа, како и локални бизниси поврзани со туризам.

Доживувањето наречено VevchaniGreen почна со дегустација на локални специјалитети и сместување во „апартмани Шутиноски“ каде пробавме неколку видови на пити со сирење, праз и спанаќ, неколку вида на сирење подготвено во вевчанскиот регион и највкусни локални овошја и слатки. Веднаш потоа следуваше прошетка низ автентичниот лик на селото. Рустикалноста и оригиналната аритектура на Вевчани наѕира од секоја улица, од секој сокак. А восхитувачки беше моментот да се влезе подлабоко во ентериерот и внатрешната архитектура на куќите кои важат за споменици во Вевчани. Прва станица ни е мултикултурниот центар „Коста Србаковски“, каде има повеќе изложбени поставки од локални уметници и локални културни настани. Потоа следува посета на познатата Пупина куќа, објект кој сведочи за стара македонска архитектура а е лоциран во строгиот центар на Вевчани. Куќата всушност е спомен-куќа на светски познатиот научник Михајло Пупин. Истовремено е сместувачки-угостителски објект и музејска поставка за животот и за делото на маркантниот научник. Културно уметничкото друштво „Дримкол“ исто така ги отвори вратите на својот објект во Вевчани кој ја раскажува вековна традиција на друштвото која води корени уште од 1947 година на полето на културата. Го посетивме и Василичарскиот конак и како што е редот се упативме кон познатите ледено студени Вевчански извори и старата воденица, која сведочи за едно дамнешно време. Восхитот од пејзажите распослани по кејот на Вевчанската река ги преточивме во фотографии.

Време е за ручек и посета на втората локација која што е дел од Vevchani Green, пансион и ресторан „Кутмичевица“. Тука го дегустиравме познатото ѓомлезе, домашно подготвените пити, ајвар и бело сирење, макало, тава и локално гравче и на крај се засладивме со по едно парче баклава. Една од интересните содржини во Вевчани е можноста да се јава на коњ, а тука е коњаничкиот клуб „Личник“ кој има смислено супер маршута на движење. Од јавачка перспектива го доживуваме Вевчани и се запознаваме со овие прекрасни животни. За вечера имаме невообичаено и убаво доживување во „Виа Игнација“, место каде што може да се ужива со целото семејство. Прекрасна природа, градина во која што се одгледува здрава храна, детски парк и мини зоолошка градина. Уште еден од локалните чинители, дел од Vevchani Green, каде се спојуваат трaдиционалното и модерното измешано со бескрајниот шум на вевчанската река.

Следниот ден навестува нови предизвици, нови вевчански откритија. Природата е раскошна и има неколку насоки за планинарење. А на еден километар од Вевчанските извори е изградена една од ретките Виа Ферати во Северна Македонија. Станува збор за обезбедена патека за алпинистичко искачување на карпа со помагала, односно клинови и фиксна сајла. Искачувањето е околу 200 метри во вертикала и потребна е опрема, пред сѐ кацига и via ferrata сет. Тур операторот „ЏејЏеј адвенчрс“ со своето искуство и опрема ни помогна овој предизвик лесно да го совладаме. По искачувањето следува вело тура со електрични велосипеди низ офроуд патеките и шумските предели над Вевчани.

Освен што добивме вевчански пасош, се збогативме со многу пријатни изненадувања, гастрономски задоволства и незаборавни искуства. Нека вашата следна викенд дестинација биде истражување на убавините на Вевчани.

Повеќе фотографии од посетата можете да погледнете на #VevchaniGreen.

You are donating to : Greennature Foundation

How much would you like to donate?
$10 $20 $30
Would you like to make regular donations? I would like to make donation(s)
How many times would you like this to recur? (including this payment) *
Name *
Last Name *
Email *
Phone
Address
Additional Note
paypalstripe
Loading...