Петта посета на Брегалнички регион во друштво со Instagram корисници
Изминатиов викенд, на 10 и 11 јуни ја организиравме петтата посета на Брегалничкиот регион со група Instagram корисници и љубители на природата со цел да ги промовираме туристичките, природните и културните вредности на регионот на социјалните медиуми како и да претставиме дел од активностите кои се спроведени во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од Фармахем. Турата има за цел да ги запознае учесниците со туристичкиот потенцијал на Брегалничкиот регион, преку посета на активности, мали и семејни еко-бизниси поддржани од ПЗП. Идејата е да се покажат придобивките од развој на одржлив туризам во и околу заштитените подрачја за локалната заедница, како неговото значење за зачување на природата.
Турата ја почнавме со посета на работилницата за сапун во Пехчево. Даниела Крстевска е трета генерација во семејството која се занимава со домашно производство на сапун, кој сега е брендиран по името „Мојот сапун“. Најпрвин нè запозна со процесот на изработка на природен сапун со етерични масла и билки од недопрените предели кај Пехчево, а потоа ни овозможи несекојдневно искуство сами да дизајнираме свој сапун по наша инспирација. Доживувањето беше прекрасно.
Потоа се упативме кон Агро Чука, локална фарма која одгледува автохтона раса овци „Праменка овчеполка“. Произведува органско јагне, сирење, урда како и органски сливи, јаболки и круши од кои прават слатко, сок, овошни ликери и други производи. Здравата храна и малешевската кујна се вистински потенцијал за алтернативен туризам. Голем број туристи доаѓаат специјално за дегустација на локалните специјалитети.
Првиот ден го завршивме со прошетка до барскиот еко систем „Езерце“ во Пехчево, дегустација на традиционални малешевски специјалитети и велосипедска тура во околината и шумските предели на Берово. Наши водичи беа членовите на Здружението за развој и поддршка на заедницата кои организираат пешачки и велосипедски тури со обучени водичи, преку кои на туристите им овозможуваат да ја доживеат Малешевијата и да се запознаат со природните вредности.
Новиот ден донесе нови видици, предизвици и доживувања. Прва станица во неделното утро ни беше посетата на Апи центарот Кладенче сместен во село Владимирово. Антонио и Верица Арнаутовски ни ја доближија приказната за производство на еколошки чист мед, произведен во комплетно чиста природа опкружена со бројни медоносни растенија. Во апи центарот имавме апи терапија или „пчелна терапија“. Станува збор за медицинска употреба на пчелните производи кои се наоѓаат во пчелната кошница. Со помош на движењето и работата на пчелите се создаваат аеросоли кои со инхалацијата се вдишуваат и позитивно делуваат на респираторниот систем и на целиот организам. Уживање беше да се почувствува благодетот од алтернативната медицина.
По кратка прошетка низ падините над Владимирово се упативме кон културниот центар Алачки во селото. Овде се негува македонскиот фолклор, музика, традиција. Уредено во етно стил културниот центар на Горан Алачки претставува место на кое се пресретнуваат ликови од сите страни на светот со една страст – македонскиот фолклор, каде секоја година се организира летен семинар за изучување на македонската култура и фолклор. Исто така тука се одржуваат бесплатни работилници за деца, како и семинари, средби, разни фолклорни манифестации.
Петтата тура ја заокруживме со посета на ранчoт The Countryside во с. Ранковце каде Марија Дуда развила еден интересен концепт. Спасува животни, пред се коњи и потоа со нивна помош нуди хипотерапија за лица со попреченост. Но ранчот е отворен за секој сака да ја почувствува природата, кој сака интеракција со животни, детоксикација на телото и умот.
Повеќе фотографии од посетата можете да погледнете на нашиот Instagram профил: @sogrizadoberiket и на #БрегалничкиСлив, a видеото од оваа петта Instagram тура е достапно на нашиот YouTube канал кое можете да го погледнете подолу 👇