Студиско патување во Грција за запознавање со состојбата на екосистемите и екосистемските услуги
Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), од 28-ми до 30-ти септември организираше студиска посета во Грција. Целта на патувањето беше учесниците да се запознаат со методологијата за проценка на состојбата на екосистемите и екосистемските услуги кои се добиваат од екосистемите и нејзина практична примена на терен.
Учесниците во текот на трите работни дена посетија неколку различни типови екосистеми по долината на река Нестос и на планината Фалакрон од каде се собираа податоци, и тоа: низински рипариски шуми, листопадни шуми, иглолисни шуми, високопланински пасишта, екосистеми со оскудна вегетација, вриштини и грмушести екосистеми.
Студиското патување е дел од планот за јакнење на капацитетите на различните заинтересирани страни за концептот за екосистемски услуги во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП) – излезна фаза, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем од Скопје на кое што присуствуваа претставници на повеќе заинтересирани страни.