Улогата на Натура 2000 во заштита на природата
Со цел да ја заштити својата природа, Европската Унија ја има воспоставено еколошката мрежа, наречена Натура 2000, најголемата управувана мрежа на заштитени подрачја во светот. Таа опфаќа повеќе од 18% од копнената и приближно 6% од морската територија на ЕУ. Таа обезбедува заштита и управување на најзагрозени видови растенија и животни. Таа е мрежа на подрачја за размножување и одмор на ретки и загрозени видови, се протега низ сите земји на ЕУ и се воведува во земјите кандидатки. Целта на мрежата Натура 2000 е да се обезбеди долгорочен опстанок на највредните и загрозени видови и живеалишта во Европа, наведени во Директивата на ЕУ за птици и Директивата на ЕУ за живеалишта. Натура 2000 мрежата вклучува два вида на подрачја: Посебни заштитени подрачја (SPA), кои се утврдени во согласност со ЕУ Директивата за птици и Посебни подрачја на зачувување во согласност со ЕУ Директивата за живеалишта.
Со текот на времето се поголем дел од светот, а со тоа и Европа губи се повеќе од својата дивина и животната средина ја губи природноста. Интензивното загадување, урбанизација и узурпација на површините, уништување на живеалишта и екосистеми, развој на транспортни и енергетски канали – сето ова врши огромен притисок врз природата и живите организми. Заштитените подрачја претставуваат последни упоришта и простори во кои живите организми може слободно и безбедно да се хранат, размножуваат, патуваат, мигрираат и постојат. Но заштитените подрачја не може како осамени острови да постојат по територијата на Европа, па затоа со нивното врежување со создава шанса за целокупна и заедничка заштита и управување.
Подрачјата кои се дел од Натура 2000 мрежата, се простори со исклучително високо еколошко и биолошко значење не само за Европа – туку и за целиот свет. Многу често подрачјата кои се важни за птици, претставуваат гнездилиште или место за одмор за видови птици кои патуваат трансконтинетално за време на своите миграции и со тоа, Натура 2000 мрежата добива глобално, не само Европско значење.