11
Авг
2022

Една година по пожарите во Малешевијата: Последиците по пчеларството во регионот – долгорочни

Пишува: Катерина Ивановска, Програмски советник во Програмата за зачувување на природата

Ланските пожари во регионот Малеш-Пијанец ќе останат во нашата колективна меморија како трагедија која ја обедини нацијата и уште еднаш ја покажа солидарноста на нашите соседни држави и други пријателски земји. Нашите пожарникари и претставници од институциите и Армијата, волонтери и граѓани од целата држава, заедно со пожарникарите и волонтерските екипи од Австрија, Словенија и Бугарија,  неуморно се бореа со огнените стихии кои го зафатија регионот и се заканија да проголтаат цели населени места. Според податоците на подружницата на шумско стопанство (ПШС) „Голак“ од Делчево, пожарот се појавил на 02.08.2021 а целосно бил ставен под контрола на 11.08.2021 година. Во пожарите немаше човечки жртви.

Според проценките на ЈП Национални шуми, опожарената површина изнесува 6378 хектари, од кои 4405 хектари шума и шумско земјиште, што претставува третина од вкупно опожарената дрвна маса во државата за 2021 година (Извор: Експертски извештај за статусот на шумата зафатена од пожари во регионот Малешево-Пијанец во 2021 година и предлози со мерки за реставрација на шумата).

Но, пожарите не ги уништија само различните типови шумски насади од природно потекло и оние кои настанале преку пошумување во минатото. Пожарите уништија пасишта, грмушки и нискостеблести растенија, микроорганизми во почвата и диви животни кои беа жители на овие предели и истите предизвикаа долгорочни промени во локалните екосистеми од кои најголем дел се непоправливи за време на еден просечен човечки животен век.

Во низата негативни последици од пожарите се вбројуваат и директните и индиректните штети врз пчеларството во регионот, пренесено преку сведоштвата на пчеларите од Берово и Пехчево: Слободан Мицевски, Јован Гошевски и Фиданчо Стојчевски. Тие се единствените пчелари од регионот кои до надлежните институции пријавиле директни материјални штети врз своите пчеларници како резултат на овие пожари. Угинати се вкупно 159 пчелни семејства, а нивната проценка за настаната вкупна штета на сите пчеларници е околу 3 милиони денари. На прашањето дали и кога ќе добијат обесштетување од државата, од локалната самоуправа добиле информации дека проценката на институциите и процесирањето на барањата за надомест на штета се сè уште во тек. Согласно член 143 од Законот за заштита и спасување и Уредбата за начинот на работа на комисиите за процена и утврдување на висината на штета настаната од природни непогоди и други несреќи, рокот за поднесување извештај од подготвената проценка на штета е една година од престанокот на непогодата.

Пчеларникот на Слободан Мицевски на местото викано Ормане кој целосно изгоре во ланските пожари

Сите тројца со пчеларство се занимаваат повеќе од 30 години и за нив пчеларството е повеќе од секундарна економска дејност, тоа е начин на живот и горда семејна традиција. Слободан успеал да спаси 7 од вкупно 85 пчелни семејства од опожарениот стационарен пчеларник во Ормане, од кои поради последици од изложеноста на пожарот преживеало само 1 пчелно семејство. Кај Јован и Фиданчо загубите на пчелни семејства се 100% (вкупно 81 пчелно семејство), а кај сите од нив сандаците за пчели, опремата, самата локација и блиската околина се целосно уништени. Сложни се во констатацијата дека ланските пожари имаат далекусежни последици врз пчеларството, најмногу од аспект на достапноста на паша и медоносни растенија како извор на храна за пчелите. Апелираат при пошумувањето да се земат предвид специфичностите на регионот и потребата од садење автохтони и медоносни дрвја и растенија на опожарените површини. Како добар пример се посочува акцијата за садење медоносни растенија која здружението Меден Исток ја спроведе во март 2021 година во Моштица, Македонска Каменица, каде беа садени автохтони видови на даб, бор, јавор и јасен. Слободан е долгогодишен член на здружението Меден Исток и ја истакнува потребата од здружување на пчеларите од целата држава со цел нивните потреби и барања да бидат соодветно пренесени, слушнати и адресирани од надлежните.

Од лево кон десно: Венко Митровски, Фиданчо Стојчевски, Јован Гошевски, Слободан Мицевски

Венко Митровски успеал да ги спаси своите пчели преместувајќи ги на друга локација, иако во еден момент пожарот стигнал на помалку од 200 метри од неговиот пчеларник. И покрај тоа што неговиот пчеларник не претрпел директни материјални штети, посочува дека изгорените овоштарници и шума во околината имаат влијание врз овогодинешната состојба на пчелните семејства поради промените во локалната околина  и достапната паша за пчелите. Активно бил вклучен волонтерски во гаснење на пожарите како и останатите пчелари и земјоделци од регионот, кои заедно со пожарникарите, волонтерите и локалното население се обидуваа да го локализираат пожарот и да спречат трагедија од поголеми размери. Само еден месец претходно, во јули 2021 година, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) преку Амбасадата на Швајцарија и во рамки на Програмата за зачувување на природата, за Територијалната противпожарна единица на општина Берово обезбеди четири противпожарни возила, опрема за пожарникарите, дрон и обуки за негово користење за мониторинг на шумски пожари кои беа користени во борбата против огнената стихија која се закануваше да ги зафати и домовите на жителите од регионот Малеш-Пијанец.

Слободан во околината на неговиот опожарен пчеларник во месноста Ормане

Една година подоцна, ниеден од нив не се откажал од пчеларството и се обидуваат да ги надоместат загубите и да ги обноват своите пчеларници. Се надеваат дека семејната традиција ќе ја продолжат идните генерации кои гордо ќе продолжат да ја одгледуваат македонската автохтона пчела Apis mellifera macedonica во возобновената околина на Малеш-Пијанец, со желба никогаш повеќе да не се повтори ваква катастрофа.

You are donating to : Greennature Foundation

How much would you like to donate?
$10 $20 $30
Would you like to make regular donations? I would like to make donation(s)
How many times would you like this to recur? (including this payment) *
Name *
Last Name *
Email *
Phone
Address
Additional Note
paypalstripe
Loading...