Еколошката улога на водните акумулации
Водна акумулација или вештачко езеро е затворен простор во кој се чува вода за одредена намера. Поимот вештачко езеро иако се употребува тривијално сепак не е сосема точен, зошто вештачките акумулација ја немаат истата природа и функции како природните слатководни езера.
Водните акумулации се градат со цел да во нив се акумулираат насобраните води при сезонското топење на снегови, регулирање на речни текови или пак за намена во индустријата.
Најчест метод за создавање на акумулација е преку изградба на брана преку река или поток користејќи ги природните особини на теренот како кањони и клисури или пак со градење на насипи и прегради. Најчесто со големите акумулации се преградуваат реки, а насобрана вода се упатува кон некоја долина или мала котлина, таа се поплавува и се формира акумулацијата. Вештачките акумулации се еден од најуспешните методи за контролирање на водените текови, управување со водата и околината.
Во С. Македонија се наоѓаат над стотина мали и средни вештачки акумулации од кои околу 20-тина се наоѓаат во Брегалничкиот регион. Акумулациите во нашата држава се градени примарно поради три причини: уредување на реките и заштита од поплави, акумулирање на вода со цел наводнување на обработливите површини и создавање на електрична енергија. Дел од овие акумулации имаат и секундарна туристичко-рекреативна функција. Кај нас, постојат и други мали акумулации во градските паркови или пак акумулации креирани поради некои индустриски процес, но сите овие се физички мали површини.
Најголем дел од овие акумулации кај нас се градени во периодот од 1955-1980 г. За време на овој период овие акумулации, добиле и голема еколошка функција, зошто станале дом на многу видови на животни и водни растенија.
Вештачките акумулации и природата се во постојана врска и влијаат едни на други. Акумулациите може да влијаат на локалната клима, а пак природата ги населува нив на пример.
Акумулациите нудат специфични услови за живот, за разлика од природните езера. Кај нив нивота на вода и температура се менуваат значително побрзо во споредба со природните. Поради искористувањето на водата, тие често, а особено во летниот период се на самиот еколошки минимум и се склони кон еутрофикација и зголемена појава на алги.
Денес изградбата на вештачките акумулации, особено поголемите знаеме дека директно влијаат и ги наштетуваат или уништуваат екосистемите. Главна причина за тоа се браните кои треба да се изградат за нив, кои го менуваат природниот тек на реките и секако површините кои треба да се поплават. Но, ова не значи дека веќе постоечките акумулации не се еколошки важни, напротив, како што времето се менува, а водните живеалишта стануваат реткост, акумулациите стануваат важно живеалиште и прибежиште за биодиверзитетот.
Во Брегалничкиот регион постојат повеќе примери за ова. Па така акумулацијата Мантово освен што е исклучително богата со жив свет во него, тоа претставува и значајно подрачје за птици на регионално ниво. Затоа е потребно да ги зачуваме и овие видови на екосистеми, бидејќи биодиверзитетот и особено водата се клучни во борбата со климатските промени .