Влијателните американски медиуми со одлични рецензии за „Медена земја“
Американските медиуми, меѓу кои и влијателните „Њујорк тајмс“ и „Лос Анџелес Тајмс“, објавија одлични рецензии за документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland). Македонскиот победник на „Санденс“, кој застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“ од 26 јули се прикажува во кината во САД, ги одушеви критичарите.
Документарецот деновиве доби позитивни коментари и од: „Њујоркер“ (The New Yorker), „Венити фер“ (Vanity Fair), „Ролинг стоун“ (RollingStone.com), „Атлантик“ (The Atlantic), „АВ клуб“ (FilmАVclub.сом), „Ноктурнал“ (Тhe Кnockturnal), „Шокја“ (Shockya)… За филмот пишуваат и: „Нонфикшн филм“ (Nonfiction Film), „Попбрејк“ (The Popbreak), „Вокс“ (Vox), „Индивајр“ ( Indiewire) и „Дедлајн“ (Deadline).
Во текстот со наслов „Бодежот и благоста“ (The Sting and the Sweetness) критичарот на „Њујорк тајмс“ (The New York Times), A.O. Скот, вели: „Документарецот за конфликтот на македонската пчеларка со нејзините соседи станува лирска еколошка приказна“.
Нагласува дека уште во првите минути документарецот „Медена земја“ е одушевувачки, возвишен, необичен и богат со човечка и природна убавина – како на филм. A.O. Скот се осврнува кон приказната на скромната Атиџе, чија хармонија со природата се нарушува кога во нејзиното соседство се преселува номадското семејство на Хусеин.
„Присуството на Хусеин и неговото многубројно палаво семејство е среќна околност ‒ подарок од боговите на филмската нарација. Но, извонредниот успех на филмаџиите не се базира само на среќата. Тие успеваат од тој конфликт да извлечат комедија и патетика. Го претставуваат комплексното искуство со нагласена јаснотија. Нивниот филм е тивок, интимен и интензивен, со нишка на епска величина. Тоа е поема со историја. Ја согледува иднината, истовремено со вознемиреност и со надеж. Атиџе се чини дека е последната од нејзинот вид. Лакомата експлоатација на Хусеин на ретките и кревки ресурси го претставува правилото, поддржано од сурова и практична причина. Нивната борба се доживува како микрокосмос на тешкотиите на човештвото во време на еколошка катастрофа, а Атиџе, токму поради нејзината скромност и трпеливост, изгледа како херојска фигура, предупредувајќи и давајќи пример за сите нас, нејзините расипнички, неодговорни соседи“ – пишува тој и подвлекува:
„Можеби е необично да се каже за документарен филм, но „Медена земја“ ме потсети на книгата за деца „Лоракс“ од Теодор Гајзел, познат како д-р Сеус. Тоа е одлична, длабока приказна со еколошка порака. Како и насловниот лик во таа приказна, така и Атиџе е еден вид пророк. Таа зборува во името на пчелите.“
Филмскиот критичар Џастин Чанг во рецензијата за „Лос Анџелес Тајмс“ (Los Angeles Times) со наслов „‘Медена земја’ е потресен документарец за начин на живот што исчезнува“ (‘Honeyland’ is a heartbreaking documentary about a vanishing way of life) вели дека првите сцени од волшебниот и трогателен документарец од режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов се чудесни за гледање.
„Искусната, средовечна пчеларка Атиџе се искачува на ридот од каде што извлекува неколку камења за да открие ред по ред скапоцено златно медено саќе, кое блеска како богатство закопано во планините… сцена што наликува на стара народна приказна или мит… Атиџе од медот заработува доволно колку да се грижи за себе и за својата 85-годишна мајка Назифе, која е неподвижна и полуслепа. Сцените со нив двете заедно во малата колиба, снимени во извонредна интима, зборуваат трогателно за нивната меѓусебна посветеност, како и за нивната прилагодливост. Тие се навикнати да бидат задоволни со многу малку.
Таа филозофија се пренесува и на начинот на кој Атиџе се однесува со пчелите, чиј опстанок е поврзан и со нејзината егзистенција. „Половина земи, а половина остави“ – е правило што таа постојано го повторува (земајќи само онолку колку што ù е потребно), сѐ додека зборовите не почнат да звучат како магија. „Медена земја“, кој освои три награди на годинашниот „Санденс“, благородно поттикнува на коегзистирање, за животот во деликатна рамнотежа со природата. Но, исто така станува нешто повеќе: застрашувачка слика на тоа колку брзо и лесно може да се наруши тој баланс.“
Рецензентот нагласува дека „филмот не го осудува Хусеин за неговата несмасност и неискуство, или неговата желба да заработи лесни пари – доволно е да се види очајната состојба во која живее неговото семејство“.
„Но, иако „Медена земја“ го избегнува нагласеното посочување на негативец, сепак, не е тешко да се гледа на Атиџе како на херој. Без разлика дали се пробива низ снегот и се искачува на планината, на крајот од филмот, таа е принципиелна и сочувствителна – една од последните од видот што е на изумирање. Овој прекрасен, срдечен филм ве остава да се восхитувате на нејзината историја, да размислувате, нервозно за нејзината иднина ‒ и да се прашувате, можеби, зошто нејзиниот пример на основна пристојност стана толку загрозен“ ‒ пишува Чанг.
Инаку, на „Ротен томејтос“ (Rotten Tomatoes) – водечкиот онлајн агрегатор на филмски и ТВ-критики, кој важи за еден од најрелевантните ресурси за препораки на филмови, „Медена земја“ има 100 отсто позитивни коментари.
Документарецот од 26 јули има кинодистрибуција во селектирани киносали во САД, вклучувајќи ги „Ламли ројал“ (Laemmle Royal) во Лос Анџелес и „Куад синема“ (Quad Cinema), Њујорк.
Кон крајот на август ќе биде прикажан пред домашната публика, на најголемиот фестивал за документарни филмови кај нас, „Македокс“, по што ќе се најде на редовниот репертоар во скопските кина.
Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.