Улогата на фотографијата во заштитата на животната средина
Како се повеќе сведочиме за загубата на животната средина, климатските промени и загубата на биодиверзитетот така ја дознаваме улогата на фотографијата во нивна заштита. Модерните начини на комуницирање, споделување вести и информации како и социјалните медиуми и даваат предност на фотографијата во однос на пишаните информации.
Фотографијата претставува универзален јазик за комуницирање помеѓу народите и нуди можност за брзо споделување на вести, особено оние кои се најзначајни за глобалната јавност – заштитата на природата.
Преку фотографирањето може во постојаност да се следи промената на пејсажот, намалувањето на шумските површини, зголемената урбанизација, појавата на инвазивни видови, намалувањето на водните текови и сл.
Фотографијата може да се користи како известувач, набљудувач и едукатор.
Фотографијата е најбрз начин да се споделуваат промени во животната средина без разлика дали се тоа природни катастрофи или човекови влијанија. Преку различни фото вести, јавноста за многу кратко време може да се запознае со состојбата.
Преку постојано следење на состојбата со природата, фотографијата нуди непобивливи факти за било кои промени во пејзажот на подрачјето или состојбата на популацијата.
Фотографијата е најдобар начин да се едуцира општата јавност за потребите, значењето и заштита на животната средина. Преку прикажување на природните убавини и реткости кај јавноста се побудува потребата за нивна вклученост во заштита на природата.
Брегалничкиот регион во себе крие многу големи природни реткости кои преку фотографијата може да се дознаат, а и со тоа заштитат. Ви препорачуваме да го посетите регионот, да се запознаете со неговата природа, да фотографирате и да споделувате. Така сите придонесуваме кон заштита на националните природни богатства.