Улогата на социјалните медиуми во заштитата на животната средина
Социјалните медиуми и нивното користење се повеќе расте и тие стануваат главен канал на многу интернет комуникации. Секојдневно на нив се поставуваат милиони текстови, фотографии и видеа и бројот на прикачени информации е постојано со неверојатен раст. Социјалните медиуми имаат важна улога во животот на милиони луѓе во светот и тие постојано се употребуваат за најразлични цели од сите сфери на животот.
Во последните години се повеќе социјалните медиуми се користат како алатка за промовирање на заштита на животната средина и биодиверзитетот. Социјалните мрежи ни даваат претстава за тоа каков однос имаат луѓето кон природата. Сите оние кои сакаат да престојуваат во природа, често со себе носат фото апарат или пак фотографираат со своите паметни телефони и тие слики веднаш се прикачуваат на социјалните медиуми. Само на Instagram во моментот се прикачени неколку милиони фотографии од речиси сите значајни природни резервати, загрозени видови и подрачја.
Како расте користењето на социјални медиуми така се зголемува и загриженоста за состојбата со природата во светски рамки. Придонесот на сите медиуми, вклучувајќи ги и социјалните е во насока на подигнување на свеста за проблемите во природата и дава насоки како поединецот може да помогне со тоа.
Преку активното користење на социјалните мрежи може да се зајакне работата кон решавање на проблемите со природата како и да се зголеми количеството на информации што граѓаните ги добиваат. Ова е особено важно од аспект на финансирање и поддршка на проекти од областа на животната средина.
Програмата за заштита на природата на Македонија, го следи овој светски тренд во борбата за заштита на животната средина и своите активности постојано ги споделува на социјалните мрежи, го едуцира населените и ги доближува природните убавини на брегалничкиот слив.