Отворен Туристичкиот информативен центар „Пониква“
Програмата за зачувување на природата во Македонија со своите партнери се приклучува кон одбележувањето на 27 септември, меѓународниот ден на туризмот и по тој повод денеска свечено беше отворен Туристичкиот информативен центар „Пониква“, кој се наоѓа на Осоговските Планини, во близина на Кочани.
Туристичкиот информативен центар ќе придонесе кон промоција на природните и културните вредности како и кон збогатување на туристичката понуда во Источниот плански регион, со негово интегрирање во веќе познатите туристички атракции. Овој туристички информативен центар има регионален карактер, бидејќи туристите кои доаѓаат на Пониква ќе имаат можност да добијат информации како за туристичката понуда на Осогово, така и за туристичката понуда во Источниот плански регион.
Посетителите на овој туристички информативен центар имаат можност на интерактивен начин да се запознаат со туристичката понуда во ИПР, да одржуваат предавања на отворено, да уживаат во прекрасниот поглед на Осоговските планини како и да одржуваат состаноци, работилници и други настани во салата која е специјално подготвена за таа намена. Исто така, туристите преку интернет страна www.osogovo.mk може во живо да ја следат состојбата на Пониква како и да добијат информации за моменталната температура, влажност, брзина и насока на ветер и количество на врнежи.
Воспоставувањето на туристичкиот информативен центар „Пониква“ е поддржано од Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој е координиран од „Фармахем“ – Скопје.