Езерски туризам
Во регионот на реката Брегалница услови за типичен езерски туризам има на Калиманско Езеро.
Ова езеро е долго 14 км, широко 200 – 500 м, а површината му изнесува 4,2 км2. Длабочината просечно му изнесува од неколку метри до над 80 м во близина на браната. Според должината на бреговата линија од 40 км и разгранетоста, Калиманци е меѓу најинтересните и најголеми вештачки езера во Македонија. На него постојат добри услови за тури со туристички чамци и сплавови, а должина на кружна пловна рута изнесува одлични 22 км. Покрај тоа, можни се пловни рути од Македонска Каменица до с. Тодоровци или/и обратно (8,5 км), или од с. Луковица до Македонска Каменица (7,5 км).
На трите наведени места може да се постават платформи за чамци и сплавови, кои би биле почетни или крајни пловни места. Интересна рута би била и посетата на островот Калата, единствениот на езерото и еден од само трите езерски острови во Македонија. Во таа смисла, одлична погодност би било уредување на островот (кој никогаш не се плави) со пешачка патека, видиковец и платформа за пристанување мали пловни објекти. Освен уживањето во самото езеро, при пловењето можат да се видат различни содржини покрај или на брегот, археолошки остатоци, селски и традиционални објекти и сл. За сите нив, потребни се информативни табли и сигнализација. На Калиманци има погодност и за кајакарење на мирни води, потоа педалинки и други рекреативни пловни активности. Исто така, како што беше спомнато има солидни услови за туризам и поставување- уредување на неколку плажи.
Покрај Калиманско Езеро, одреден степен на развој на езерски туризам веќе има на Беровско Езеро и на езерото Гратче. Беровското Езеро има одличен пејсаж и мало годишно колебање на нивото. Тоа овозможува рекреација и спортови на вода како кајакарење, тури со чамец околу езерото (во должина од 5 км), педалинки, потоа риболов и други активности. Овде веќе се организира натпревар во кајакарство. Добро би било да се најде начин за туристичко разгледување на езерото со електричен чамец за група од 10 – 20 туристи, излет со чамец до некој локалитет на спротивниот брег, потоа изнајмување гумени или дрвени чамци и др.
Езерото Гратче, иако е значително помало, ги има истите можности како претходните езера. Всушност, овде веќе развојот на езерскиот туризам е во тек, со означени патеки и објекти околу езерото, реновиран хотел, плажа на самото езеро (која треба да се доуреди), неколку пловни објекти (потребна е пристанишна платформа) и др.