Пределните вредности на заштитениот предел Осоговски Планини се промовираа како дел од одбележувањето на Европскиот ден на пределите
За да се подигне свеста за важноста на пределите во зачувувањето на природните вредности, на 29 октомври 2023 година, во Инфоцентарот на Пониква се одржа настан за промоција на пределните вредности на заштитениот предел Осоговски Планини, како дел од одбележувањето на Европскиот ден на пределите.
Специфичните пределски вредности на Осоговските Планини се резултат на вековната интеракција меѓу човекот и природата и разумното користење на природните ресурси и една од причините дел од Осоговските Планини да се прогласи за заштитен предел во 2020 година, со поддршка од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија.
Како дел од настанот преку изложбата на фотографии „Осоговските села“, беа презентирани спецификите на 28-те села во Осоговските Планини, нивните вредности и преданија.
Преку планинарска и велосипедска тура до врвот Панаѓур, кои се релизираа со поддршка од локалните планинарски и велосипедски друштва, присутните имаа можност да се запознаат со дел од заштитениот предел Осоговски Планини.
Настанот беше организиран во партнерство на Телото за управување со заштитениот предел Осоговски Планини, како дел од ЈП „Национални шуми“ и Македонското еколошко друштво (МЕД), во рамки на активностите на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – излезна фаза, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC, координирана од „Фармахем“ од Скопје.