Фосилите – нашата природна врска со далечното минато
Фосили се минерализирани остатоци од живиот свет кој постоел на површината на Земјата во далечното геолошко минато. Тие се директен, физички доказ за промените и еволуцијата на природата што се случувале во текот на развојот на релјефот на нашата планета и сведочат за климатските, временските и физичките трансформации на Земјата и природата. Фосилите може да се делат на повеќе групи: според потеклото, по начинот на кој се формирале, периодот од кој потекнуваат и локациите каде се наоѓаат.
Фосилните останоци може да се сретнат на отворено – на површината на почвата како резултат од водена или ветерна ерозија, да се најдат случајно во тек на различни мински, рударски или технички ископување, при обработка на почвата за земјоделски активности или па да се најдат сосема случајно.
Местата на кои може да се сретнат фосили се нарекуваат фосилни наоѓалишта или фосилни депозити. Дел од фосилите денес имаат значајна улога во индустријата, медицината и козметиката па се искористуваат и ископуваат на комерцијално ниво – но најголем дел од нив имаат исклучиво научно значење.
Во голем дел од државите низ светот, секој пронајден фосил се смета за национално природно богатство и трговијата со фосили е строго регулирана.
Еден од најдобрите начини на кои може да се заштита и уредат локалитетите на кои се најдени некои важни и значајни фосили за светската наука и палеонтологија е преку нивна формална заштита. Па така, геолошките локалитети со фосилни особености често се наоѓаат под некои ниво на заштита.
Во Северна Македонија постојат неколку локалитети кои имаат геолошко и палеонтолошко значење и се наоѓаат под формална заштита од државата, но иста така голем дел од нив кои, иако не се под заштита се дел од листата на геолошки локалитети со големо значење.
Во брегалничкиот регион се наоѓаат голем број на значајни палеонтолошки локалитети, а меѓу нив и најновото мало подрачје под заштита, природната реткост Стамер. Ова преставува уникатен локалитет, богат со пикерминска фауна кој сведочи за изгледот на нашата држава од пред неколку милиони години. Тука се откриени и остатоци од нов вид на пра жирафа (Sivatherium garevski) кој го доби името по првиот македонски палеонтолог д-р Ристо Гаревски.
Заштитата на важните палеонтолошки локалитети нуди многу различни бенефити:
1.Зачувување на природното минато
Со заштита на палеонтолошките локалитети, се грижиме и го чуваме природното минато на регионот и државата. Со тоа овозможува гаранција дека и идните генерации ќе може да учат за геолошкото минато
2.Развој на науката
Со цел да се развива палеонтологијата како и сродните природни науки, потребно е да се обезбедат соодветни услови. Заштитени, уредени и управувани палеонтолошки локалитети се одличен почеток.
3.Едукација на јавноста и развој на туризмот
Приказните за фосилите, праживотните и бурното геолошко минато секогаш биле атрактивни меѓу јавноста. Со заштита на фосилните богатства на посетителите им се нуди можност да учат за фосилите, нивната еволуција и екологија и секако ја збогатуваат локалната туристичка понуда.