Туристичкиот потенцијал на заштитените предели
Заштитените предели се подрачја кои се одликуваат со значајни природни, културни и историски вредности. Ова нив ги прави совршени места за развој на повеќе форми на туризам кои се основаат на рекреација во природа, традиционална гастрономија и здрав и активен живот.
Заштитените предели се спој на природа и култура и во и околу нив може да се развијат повеќе видови на алтернативен туризам како што се: планинарски, рурален, гастрономски, авантуристички, велосипедски, алпинистички, културен, религиозен и др. За разлика од другите подрачја во заштита, во заштитените предели се цели да се зачуваат врските помеѓу луѓето и природата и токму во овој аспект се наоѓа суштината на туристичкиот потенцијал. Ова се подразбира дека тука, и покрај природните вредности сепак постои простор за развој на туризмот кој може да биде од повеќе аспекти како што се: уредување на пешачки и велосипедски патеки, развој на подобра патна мрежа, умерен и одржлив инфраструктурен развој и зголемување на туристичките капацитети. Но, туризмот и потенцијалот што тој го има во заштитените подрачја може да се подели на неколку аспекти:
1. Развој и промоција на заштитеното подрачје
Туризмот сам по себе носи значаен прилив на финансии што секако значајно помага во одржувањето и развојот на подрачјето. Зголемениот туризам значи и поголем број на посетители што го промовира подрачјето во национално, регионално и светско ниво. Поголем број на посетители води до финансиски придобивки што подоцна може да водат до финансиска независност на управувачот на подрачјето, а пак поголема препознатливост води до поголема можност за поддршка на подрачјето од надворешни финансиери.
2. Развој на локалната заедница
Туризмот е тесно поврзан со развојот на локалната заедница и тоа на три начина: преку директно вработување во секторот на локално ниво, преку можност за самовработување и преку генерална поддршка на заедницата. Туризмот значи и директно подобрување на пласманот на локалните, традионални продукти и зголемување на пазарот. Вработувањата во секторот може да води до можноста за напуштање на стари и неодржливи или нееколошки дејности и пренасочување кон развој на одржливиот туризам.
3. Еколошко образование
Зголемениот број на посетители во заштитеното подрачје значи, зголемена можност за едукација на јавноста за важноста на природата и заштитените подрачја. Преку ова полесно и поефективно може да се пренесе пораката за заштита на природа, умерено користење на природните ресурси како и одржлив развој.