Дрвјата како живеалишта
Многу често на дрвјата се гледа како единка на еден вид, а врз шумите како популација на видови. Но, всушност дрвјата, особено оние возрасни стебла претставуваат хабитат, живеалиште на многу видови на живи организми. Тие со своите стебла, крошни, плодови и гранки даваат услови за живот за многу суштества.
Хабитатните дрвја може да се дефинираат како живи, стоечки или мртви дрвја кои нудат микрохабитати како дупки, процепи, кора, гранки и корења – кои се населени од животни, растенија и габи. Овие микрохабитати по дрвјата обезбедуваат место за живеење, храна и простор за размножување на организмите.

Ваквите хабитати се формираат најчесто по природен пат на дрвјата. Процепите на пример се формираат природно, кога ќе се откине некоја голема гранка и ќе формира дупка на стеблото или пак може да се создаде преку активноста на некои животни; како колвање од клукајдрвци, инсекти или црви.
Кората на дрвата и џебовите во неа се значаен микрохабитат за многу безрабетници, особено инсекти и нивните ларви. Кората со процесот на лупење, кршење и пукање дава простор многу инсекти да го населат дрвото и тука да се хранат или размножуваат.
Постојат и такви живи организми чии што живот и тесно поврзан со дрвјата. Голем број на видови на инсекти може да се сретнат исклучиво на и близу стеблата, а додека некои видови на габи и лишаи растат исклучиво на живи или мртви дрвја.
Здравјето на една шума се мери според тоа колку е населена со жители во сите слоеви и делови. Па затоа микрохабитатите на дрвјата се значајни за одржување на стабилен екосистем.
Големи количества на суви дрва и голема густина на стари дрва со микрохабитати се карактеристични елементи на природните шуми, особено во повозрасните фази. Затоа е значајно старите, девствени и природни шуми правилно да се одржуваат и заштитуваат. Појавата на микрохабитати ретко или воопшто не се забележува кај стопанисуваните шуми, дури и кај шумите што се стопанисуваат на што е можно поприроден начин. Затоа задржувањето на постоечките и идните микрохабитати кај дрвата е важен аспект што треба да се земе предвид при управувањето со шумите.

Поголемото внимание што ќе се посвети на микрохабитатите кај дрвата ќе помогне да се одржи и зголеми вредноста на живеалиштето за биолошката разновидност и кај стопанисуваните шуми. Во рамките на Програмата за зачувување на природата, минатата есен организиравме теренски предавања за управување на мртва дрвесина, на кои што предавања забележавме недостаток од каталог за идентификација на микрохабитати кај нас.
За таа цел направивме превод и адаптација на каталогот на микрохабитати кај дрвјата кој што е преведен на 17 јазици, сега вклучувајќи го и македонски јазик и истиот е достапен на следниот линк: Каталог на микрохабитати кај дрвјата
Оваа активност е во рамките на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП) – фаза 2, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) кој е координиран од Фармахем – Скопје како дел од компонентата за соработка помеѓу Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје и Бернскиот универзитет за применети науки.