Се одржа работилница за туристичкиот потенцијал во Малешево и идното заштитено подрачје Ченгино Кале
Како дел од процесот на спроведување на кампања за воспоставување на заштитено подрачје на Ченгино Кале и подготовка на Студија за природните вредности на Ченгино Кале, на 4 ти ноември 2019 година во Едукативниот Центар за зачувување на природата во село Негрево, Пехчево се одржа „Работилница за туристичкиот потенцијал во Малешево и идното заштитено подрачје Ченгино Кале“. На работилницата учествуваа клучните чинители од Берово и Пехчево во сферата на туризмот и угостителските услуги а настанот го отворија градоначалникот на Општина Пехчево Драги Тренчовски како и градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски.
Во рамки на оваа средба се зборуваше за состојбата во регионот во поглед на туристичката понуда како и за потенцијалите за развој и поврзување на услуги и активности поврзани со различни типови на туризам.
Во моментов се изработува „Студија за валоризација на природните вредности на Ченгино Кале“, процес што го координира Македонско еколошко друштво и документ што е основа за процесот на прогласување на дел од Малешевските Планини за заштитено подрачје.
Ова е само една од низата планирани средби со различни засегнати страни во регионот со цел информирање и консултации за прашања важни за локалното население.
Овие активности се одвиваат во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – фаза 2, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, со којашто е предвидено воспоставување на заштитени подрачја (ЗП) во сливот на река Брегалница. Во процесот на одбирање на приоритетни подрачја за заштита, во соработка со клучните страни и со одлука на Источниот плански регион (ИПР), беа селектирани Осоговските Планини и Ченгино Кале како најпогодни подрачја за отпочнување процес за прогласување.