Улогата на одржливото земјоделство во заштитата на животната средина
Одржливо земјоделство претставува култивирање на храна на тој начин што нема да се намали квалитетот на производ, а самото производство минимално ќе влијае на природните ресурси и околината без притоа да влијае врз природните односи во екосистемот. Со одржливото земјоделство се грижиме да ги зачуваме екосистемските вредности, без да се намали квалитетот на производот.
Целта на ваквиот начин на производство на храна е да се зачуваат природните ресурси за идните генерации преку нивно разумно користење. Главни начела на овој систем се: здрава животна средина, економска исплатливост, социјална еднаквост и економски развој.
Важна цел во одржливото земјоделство е секој учесник во производот: фармерот, дистрибутерот, продавачот и потрошувачот да се запознаени со потеклото и регионот на производот и начинот на кој тој се добива. Најчести методи кои се користат во овој начин на одгледување се: употреба на локални сорти и семиња, минимално влијание и притисок нa почвата, минимална употреба на вода, намалено загадување и испуст на отпадни води.
Одгледувањето на ориз е главна особина за централниот дел на Брегалничкиот регион. Традиционалното одгледување на ориз за жал има потреба од огромно количество на вода, употреба на пестициди. А самите оризишта испуштаат големо количество на стакленички гасови со што дополнително ја загадуваат средината. Преку запознавање на локалното населени со нови, модерни и одржливи методи за одгледување на ориз, фармерите сами ја забележуваат разликата во трошењето на ресурсите во споредба со добиеното количество и квалитет на оризот. Преку доближување на одржливото земјоделство, фармерите стануваат директен член во заштитата на својата животна средина.
Овој систем ја промовира здравата храна со познато потекло, ја зајакнува локалната економија, ги чува автохтоните и ретки сорти, ја намалува миграцијата кон урбани средини и го подобрува животот во урбаните средини.