Одржана работилница за стандарди во туризмот и категоризација на објекти
На 18 март 2019 година во Делчево се одржа работилница за стандарди во туризмот и категоризација на објекти, како дел од активностите на воспоставеното Координативно тело за развој на туризмот во Источен плански регион.
Работилницата имаше за цел зајакнување на капацитетите на локалните администрации во однос на нивните улоги при спроведувањето на Законот за туристичка дејност, како и запознавање со минимум стандардите потребни за извршување на туристичката дејност и услугите кои се предвидени за развој на селски, еколошки и етно туризам.
На работилницата покрај членовите на Координативното тело за развој на туризмот беа присутни и претставници од приватниот сектор во Источниот плански регион, коишто имаа можност да се информираат за минимум потребните услови за категоризација на објектите за сместување и да разменат свои искуства и предлози во насока на подобрување на туристичката атрактивност на Источниот плански регион.
Од страна на претставниците на општина Берово беше презентирано искуството во водење на регистар за малите сместувачки објекти во рамки на општините и нивна категоризација, како пример за вршење на должноста на локалните самоуправи и успешното работење во туристичкиот и угостителскиот сектор.
Работилницата се организираше во соработка со Секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија, во рамки компонентата за развој на еко туризам на Програмата за зачувување на природата во Македонија – фаза 2, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка.