Во Пробиштип се одржа форум на тема „Лов во идното заштитено подрачје Осоговски Планини“
На 18.03.2019 година во Пробиштип се одржа форум на тема „Лов во идното заштитено подрачје Осоговски Планини“, организиран од Македонско еколошко друштво во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија.
Целта на форумот беше претставување на предлогот за прогласување на заштитено подрачје Осоговски Планини и начините за управување со ловниот дивеч во регионот.
„Предлогот за заштита е во процес на дефинирање. Свесни сме дека ловните активности во регионот се традиционално присутни и затоа е многу важно да се информира и вклучи навреме секторот за лов во целиот процес. Категоријата V – заштитен предел, како пониска категорија на заштита не забранува ловни активности. Во случајот со Осогово ловот треба да се одвива во најголем дел од идното заштитено подрачје, потребно е само соодветно да ги вклопат одржливите форми на лов во предлог подрачјето“ – изјави Деспина Китанова од Македонско еколошко друштво.
Претставниците на Ловечката Федерација на Македонија и ловните друштва истакнаа дека треба да бидат вклучени во креирање на границите на идното заштитено подрачје, со цел ловно стопанските основи да бидат соодветно вклопени во предлогот.
Заклучок од дискусијата беше дека се потребни дополнителни информативни и работни средби на кои би се дискутирале правата на ловните здруженија во однос на сопственоста на ловиштата и користењето на дивечот во петта категорија на заштитени подрачја,
Во следните два месеци ќе се финализира Студијата за валоризација на природните вредности за Осоговски Планини. Прогласувањето на заштитено подрачје од V категорија – заштитен предел се носи со одлука на Владата.