Крајбрежјето на Река Брегалница се ревитализира со нови садници на врба и топола
На 30 ноември 2018 година се спроведе акција за пошумување, на која беа засадени 120 садници на автохтони видови на врба и топола покрај реката Брегалница во близина на село Пенуш во Штип, со цел закрепнување на крајбрежната речна вегетација. Акцијата за пошумување ја спроведоа Македонско еколошко друштво, Општина Штип, Центарот за развој на источно плански регион и две средни училишта од Штип, во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија.
– Во минатото екосистемот на крајбрежјето на реката Брегалница беше целосно или делумно нарушен на повеќе места, главно поради пренаменување на земјиштето за земјоделски потреби, ископ на песок и испаша на крави и овци. Се надеваме дека ваквото пошумување не само што ќе придонесе до нормализирање на основните функции на крајбрежниот екосистем, како што е заштита од ерозија и поплави, туку и ќе создаде и услови за враќање на загрозените животински видови како што е орелот – рибар и видрата, изјави Светлана Пејовиќ, раководител на проекти во Македонско еколошко друштво.
Според сегашните истражувања на МЕД, видрата е присутна на повеќе места долж реката Брегалница и покрај поголемите реки во Македонија, но нејзината популација е во пад. Крајбрежната вегетација е нејзиното основно живеалиште и доколку таа се обнови, ќе биде овозможен опстанокот на видрата.
Вакви акции за пошумување во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија ќе се организираат и во следните две години и тоа со тополови и врбови садници произведени по вегетативен пат во расадник во соработка со ЈП Македонски Шуми.