Геотуризам (дел 1)
Геотуризмот претставува посета, разгледување, фотографирање и уживање во ретки и интересни геоатракции. Тој најчесто е во склоп на активности како трекинг, маунтбајкинг, џип-сафари и други видови на разгледување на природата. Во таа смисла, геотуризмот има можност за добар развој во Пехчевско, преку интересните, маркантни и раритетни ерозивни форми – мелови, особено неколкуте огромни мела кај с. Црник. Речиси подеднакво интересни се и меловите кај с. Смојмирово, односно кај месноста Паркач. Посебно восхитувачка е посетата и разгледувањето на камените кукли и појавата Кукуље кај с. Нов Истевник.
За посета на сите овие појави, појдовна точка може да биде Пехчево, Берово или Делчево, бидејќи се на мало меѓусебно растојание (8 – 10km). Така, во рамките на еднодневна рута може релаксирано да се посетат сите наведени атракции. Во овој простор (Пијанец) се уште камените кукли (Кукуљето) на 3 км југозападно од с. Тработивиште, потоа карпите и пештерата Коњска Дупка кај с. Град близу Делчево, пештерата Киселица кај истоименото село и, секако, местата каде се пронајдени (и се пронаоѓаат) фосили кај с. Стамер. Сите наведени места имаат свои вредности и значајност, а пештерите даваат и авантуристички предизвик бидејќи се долги 40 – 80 m.
Кон север, од аспект на геотуризмот, интересна е целата долина на Каменичка Река со бројните и големи плавини, огромни слоеви наносен материјал, свлечиштата и други појави во областа. Појдовна точка може да биде Македонска Каменица, во чија близина има и бројни други атрактивности. Така, на запад е импозантната Истибањска Клисура со високи карпи, стрмни страни и бројни отсеци со различни форми. На целиот потег од с. Саса до с. Истибања, во карпите повремено се јавуваат црни слоеви од шкрилци богати со рудни наслаги.
Вториот дел од блог постот можете да го прочитате овде: Геотуризам (дел 2)