Одржана работилница за воспоставување на заштитени подрачја во сливот на река Брегалница
Една од основните цели на Програмата за зачувување на природата во Македонија – фаза 2 (ПЗП) е воспоставување на заштитени подрачја во сливот на река Брегалница. Процесот е замислен да се реализира преку развој на три сценарија за заштитени подрачја во регионот од интерес со примена на партиципативен пристап, односно вклучување на сите заинтересирани страни од самиот почеток на процесот, селекција на најсоодветното сценарио, изработка на потребната документација, прогласување на заштитено подрачје и воспоставување на тело за управување.
Како еден од првите чекори во примена на ваков партиципативен пристап, на 18ти и 19ти октомври во х.Манастир во Берово се одржа работилницата за воспоставување на заштитени подрачја. На работилницата присуствуваа претставници од главните партнери на ПЗП, како и клучните заинтересирани страни и тоа: Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП„Македонски шуми“, Шумарски факултет Скопје, Центар за развој на Источен Плански регион како и претставници на општините од Источен Плански Регион.
На работилницата беа презентирани и дискутирани процесот на развивање на сценаријата, критериумите кои се користени за проценка на заштитените подрачја, како и нацрт сценаријата со нивните позитивни и негативни страни. Исто така, во рамките на оваа работилница беше презентирана и тестирана role playing игра за различните сценарија, работена врз основа на Companion Mоdeling пристап. Овој иновативен пристап се користи како алатка која овозможува во текот на процесот на донесување на одлуки кои се однесуваат на управување и користење на придоните ресурси, да бидат интегрирани различните перспективи на заинтересираните страни. Се очекува оваа игра дополнително да помогне и придонесе во селекцијата на најсоодветното сценарио.