Културен туризам низ Брегалница
Подрачјето на Брегалница освен со природни се одликува и со големи културолошки богатства кои чекаат да бидат откриени и промовирани и сите се со значаен туристички потенцијал. Во регионот постојат 9 музеи, спомен куќи, етно куќи и костурници. Потоа постојат над 600 археолошки наоѓалишта и над четириесетина стари цркви и манастири.
Од позначајните археолошки наоѓалишта се издвојуваат средновековното утврдување Исар во Штип, што освен историски има и етнолошко значење, археолошкиот локалитет Баргала – утврдена населба од доцноантичко време и еден од позначајните доцноантички градови во Македонија, како и средновековниот град Равен близу Пехчево. Според одредени историски извори, на ова место на 5 km од Пехчево можно е некогаш да бил лоциран градот Равен – лулката на словенската азбука. Равен е местото каде што Методиј ја напишал словенската азбука.
Градскиот музеј во Штип е најголема ваква институција во регионот и место кое треба да се посети. Музејот поседува повеќе збирки и фондови од областа на археологијата, етнологијата, историјата, историјата на уметноста и современата македонска уметност. Во музејската збирка може да се види и неодамнешното откритие – најстариот скелет на човек во овој дел Европа, наречен „Славе Македонски“.
Лесновски манастир е еден од најзначајни религиозни обележја на регионот како и еден најголемите манастири во државата. Манастирот Св. Гаврил Лесновски ce наоѓа во селото Лесново, во близина на Пробиштип. Лесновскиот манастир е значаен и за историјата на словенската писменост и литература. Огромен број ракописни и печатени книги од овој познат скрипториум се однесени уште во XIX век надвор од Македонија и денес се чуваат во библиотеките на други земји. Од 1950 година манастирот е прогласен за споменик на културата и е заштитен со закон. Лесновскиот манастир е машки манастир со активен монашки живот.
Брегалница е преполна со различни историски, културолошки и етнолошки богатства. Посета на регионот во било кој период од годината нуди голем број на можности за едукација и рекреација.