Планински туризам
Планинскиот туризам подразбира широк спектар на туристички активности кои се одвиваат на планина. Ако се има предвид дека 56% од површината на регионот на Брегалница припаѓа на планински простор и дека има дури девет планини од кои една повисока од 2000 m, јасно е колкаво е значењето на планинскиот туризам за овој регион.
Планините, освен што се различни по височина – од ниски до 1500 m , преку средно високи 1500 до 2000 m и Осоговски Планини со над 2000 m, тие имаат големи разлики во однос на вредностите, климата, водите, пошуменоста и другата биоразновидност. Освен тоа, некои планински делови се многу слабо населени, далеку од градските центри, но со сочувани природни вредности (Огражден, југоисточен дел на Плачковица, западен дел на Малешевски Планини). Всушност, од главните видови туризам (езерски, низински, урбан и сл.), во брегалничкиот регион најголема перспектива има токму планинскиот. Речиси сите шест планини повисоки од 1500 m имаат можности за развој на различни планински туристички активности како трекинг или планинарење.