Одржан иницијален состанок за воспоставување на заштитени подрачја
На 8-ми јуни во Кочани, како дел од активностите на Програмата за зачувување на природата во Македонија, се одржа иницијален состанок за воспоставување на заштитени подрачја во сливот на реката Брегалница.
Целта на овој состанок беше претставниците на различните заинтересирани страни (релевантни државни институции, локална самоуправа, бизнис сектор, локално население, здруженија на граѓани, научни и образовни институции и сл.) да се запознаат и информираат за планираните активностите во втората фаза на Програмата во однос на прогласување на заштитени подрачја во регионот и начинот на кој тие ќе бидат вклучени во процесот во тек на кој ќе се примени партиципативен пристап.
Состанокот го отворија г-дин Ратко Димитровски, Претседател на Советот за развој на Источен плански регион и г-ѓа Драгица Здравева, Директор на Центарот за развој на Источен плански регион. Свои презентации имаа, Марјана Шушлевска, тим лидер на Програмата за постигнатите резултати во првата фаза и планираните активности за втората фаза на Програмата, како и г-динот Славчо Христовски, од „Македонско еколошко друштво“ партнер на Програмата за состојбата, предлозите и следните чекори за прогласување на заштитени подрачја во сливот на река Брегалница
На состанокот присуствуваа повеќе од 60 претставници на различни заинтересирани страни на национално и локално ниво.