Формирање систем на заштитени подрачја во сливот на реката Брегалница и Источниот плански регион
Клучен чекор за зачувување на најзначајните живеалишта и видови во сливот на Брегалница и Источниот плански регион е формирање на систем на заштитени подрачjа. Овој систем во иднина треба да помогне во процесот на воспоставување на еколошката мрежа Натура 2000, која е обврска на Р. Македонија во процесот на подготовка на членство во Европската Унија.
Треба да се истакне дека постојната мрежа на заштитени подрачја е главно развиена во западниот дел на Македонија, а занамерени се вредностите во Источна Македонија. Потребно е да се преземат активности за прогласување на овие подрачја за заштитени во согласност со законската процедура. Затоа се предлага ревидирање и можна промена на категоријата на заштита на постојните заштитени подрачја и предлагање на нови подрачја за заштита.

Ченгино Кале, еден од новите предложени локалитети за заштита
Предложениот систем на заштитени подрачја се состои од вкупно 36 нови подрачја кои што се добиени во рамките на анализата на недостатоци во еколошките податоци за сливот на река Брегалница. Како дел од предложените подрачја се Споменикот на природа ,,Мурите” – локалитет што е единствено природно наоѓалиште на ела и смрча во источна Македонија; природната реткост ,,Ѕвегор” со своите геолошки особености и присутната фосилна фауна; природната реткост ,,Црна дудинка, Лесновски манастир” каде се наоѓа најстарото стебло на црна дудинка во Македонија.
Фотографија: Доне Иванов