03
Мај
2016
Проектот за одржливо производство на ориз со нов, проширен дизајн продолжува и во текот на 2016 година
Проектот за одржливо производство на ориз, кој се спроведува во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, ќе продолжи и во текот на 2016 година, но со проширување на експериментот на уште две локации.
Целта е да се споредат различни земјоделски површини со ориз, различни сорти ориз и различни техники за наводнување при оризопроизводство, и тоа на следниот начин:
- Три показни парцели, на кои ќе се користат две техники на садење (традиционално и суво сеење) и две сорти (Сан Андреа и Ониче), и тоа парцели на ЈП „Македонски шуми“ во Карбинци, на оризопроизводител во Чешиново и парцели на Земјоделскиот институт во Кочани
- Една показна парцела за механичко пресадување во ЈП „Македонски шуми“ во Карбинци,
- Две показни парцели за наводнување капка по капка на оризопроизводителот во Чешиново и Земјоделскиот институт во Кочани. Спроведувањето на експериментот за наводнување капка по капка, Програмата за зачувување на природата во Македонија ќе го обезбеди во соработка со УСАИД Проект за експанзија на мали бизниси.Во периодот од 3ти до 5ти мај 2016, експерименталните парцели беа посетени од страна на експертот за ориз од Меѓународниот институт за истражување на оризот (IRRI), г-дин Joseph Rickman. Во рамките на неговата мисија тој имаше можност покрај посетата на сите експериментални парцели, да оствари и средби со претставниците на ЈП „Македонски шуми“, Земјоделскиот институт во Кочани, оризопроизводителот, но и претставниците на УСАИД Проект за експанзија на мали бизниси и Маган Мак. При тоа беа дефинирани и договорени следните чекори кои треба да се превземат, особено во делот на поефикасна употреба на водата на земјоделските површини, намалување на употребата на пестициди, подобрување на ефикасноста на вештачките ѓубрива и одржување на природната биолошката разновидност особено корисните инсекти и растенија во оризовите полиња, а се со цел подобрување на управувањето со ресурсите и одржливоста на системите за оризопроизводство.