Потпишани договорите за реализација на проекти за зачувување на природата во Брегалничкиот регион во рамки на вториот повик за Задруженија на ПЗП
На 30.09.2015 година во Виница беа потпишани договорите за спроведување на проекти меѓу Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП) и 11 здруженија на граѓани, во рамки на вториот повик на ПЗП наменет за здруженијата. Со тоа официјално почнува имплементацијата на проектите кои имаат за цел да им помогнат на здруженијата и локалните заедници од Брегалничкиот регион да ја зачуваат природата и одржливо да управуваат со природните ресурси во регионот.
Вториот повик за предлог проекти на здруженија, како дел од активностите на ПЗП беше објавен на 30 јуни 2015 година. Здруженијата имаа можност да поднесат предлог-проекти кои се однесуваат на зачувување на природата во Брегалничкиот слив.
До крајниот рок за доставување на предлог проекти во Локалната канцеларија на ПЗП во Пехчево пристигнаа вкупно 21 пријава, од кои 11 се одобрени за финансиска поддршка од страна на ПЗП, со максималната поддршка од 560.000 денари по проект.