Потпишан договорот за изработка на Националната стратегија за заштита на природата
На 29.07.2015 (среда) во просториите на Министерството за животна средина и просторно планирање, се потпиша договор за изработка на Национална стратегија за заштита на природата. Договорот се потпиша помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање, компанијата „ГЕОМАП“ ДОО – Скопје како најдобар понудувач избран на јавниот повик и Фармахем, програмски координатор на Програмата за зачувување на природата во Македонија. Според договорот, покрај Национална стратегија за заштита на природата, ќе биде изработена и Студија за состојбата со геодиверзитетот и геолошкото наследство во Македонија
Изработката на Националната стратегија за заштита на природата се спроведува во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, како една од активностите на национално ниво.
Спроведувањето на оваа активност е од особена важност за Република Македонија со оглед на фактот што овој документ претставува хиерахиски најважен стратешки документ за заштита на природата, кој ќе ги даде основите, насоките и трендовите за понатамошно делување во ова област и истовремено ќе се обезбеди поефикасна имплементација на националната легислатива за заштита на природата и усогласување со законодавтсвото на ЕУ.
Национална стратегија за заштита на природата е обврска од националната легислатива, согласно Законот за заштита на природата. Стратегијата е со важност од 10 години и содржи долгорочни основи на политика на заштита на природата. Стратегијата за заштита на природата во општи црти ќе ја објасни визијата, основните цели и стратешки определби за заштита на природата и ќе претставува една интегрирана рамка заснована на серија стратешки компоненти и пристапи.