Одржана работилница за запознавање со потребите на различните чинители во шумарството (со акцент на Брегалничкиот слив) и идентификација на потенцијалниот иден придонес на ПЗП во Македонија
Во организација на Програмата за зачувување на природата во Македонија, на 25 февруари 2015 година во Кочани се одржа првата Работилница за запознавање со потребите на различните чинители во шумарството (со акцент на Брегалничкиот слив) и идентификација на потенцијалниот иден придонес на ПЗП во Македонија. На работилницата учествуваа претставници од засегнатите страни во делот на шумарството: Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Шумарскиот факултет во Скопје, ЈП Македонски шуми, вклучително и подружниците кои ги има во Брегалничкиот слив, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, како и од Националното здружение на сопственици на приватни шуми.
Во првиот дел од работилницата накратко беше презентирана Програмата за зачувување на природата во Македонија од страна на Програмскиот асистент Цветан Николовски, а од страна на Деканот на Шумарски факултет Проф. д-р Јане Ацевски беше презентирана студијата „Екологијата и стопанисување со шумите во регионот по горниот тек на Брегалница (Малеш)“ која во предходниот период беше поддржана од ПЗП. Проф. д-р Јурген Бласер даде осврт на „Критични аспекти за одржливо стопанисување со шумите во денешен контекст“, а презентацијата на Проф. д-р Николчо Велковски беше фокусирана на „Одржливо стопанисување со шумите во Брегалничкиот регион“.
Во вториот дел од работилницата присутните имаа можност преку интерактивна работа во групи да го дадат своето мислење во однос на предизвиците со кои се соочуваат во контекст на одржливото управување со шумите, како и потребите и можните решенија за надминување на овие предизвици.
Во завршниот дел од работилницата беа сублиминирани можните насоки на идна соработка и каде Програмата за зачувување на природата во Македонија може да даде конкретен придонес за подобрување на состојбата во однос на одржливото управување со шумите.
Од страна на присутните беше искажано задоволство од организацијата на еден ваков настан, каде за прв пат на едно место се собрани сите чинители кои имаат улога во одржливото управување со шумите и беше искажана потребата слични настани да се организираат и во следниот период.