Потпишани договорите за реализација на предлог проекти за зачувување на природата во Брегалничкиот регион во рамки на првиот повик за Задруженија на ПЗП
На 25.12.2014 година во Кочани беа потпишани договорите за финансирање на предлог-проекти меѓу Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП) и 9 здруженија на граѓани. Со тоа официјално почнува имплементацијата на проектите кои имаат за цел да им помогнат на здруженијата и локалните заедници од Брегалничкиот регион да ја зачуваат природата и одржливо да управуваат со природните ресурси во регионот.
Повикот за предлог проекти на здруженија, како дел од активностите на ПЗП беше објавен на 25 септември 2014 година. Здруженијата имаа можност да поднесат предлог-проект во две области:
– зачувување на природата и
– примена на еколошки практики, обновливи извори на енергија и мерки за енергетска ефикасност.
До крајниот рок за доставување на предлог проекти во Локалната канцеларија на ПЗП во Пехчево пристигнаа вкупно 33 пријави, од кои 22 се однесуваа на зачувување на природата и 11 за примена на еколошки практики.
Во првиот повик се селектирани вкупно 9 предлог-проекти, од кои 6 се од областа на зачувување на природата и 3 од областа за примена на еколошки практики, обновливи извори на енергија и мерки за енергетска ефикасност и сите ќе бидат имплементирани во Брегалничкиот регион. Во зависност од активностите, проектите траат од 6 до 10 месеци и сите на крај ќе остварат видливи резултати.
Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП) преку овој Повик за предлози ќе ги поддржи Здруженијата во реализација на мали проекти во Брегалничкиот регион кои ќе придонесат кон зачувување на природата и биолошката разновидност, а од друга страна ќе придоенсат и за подобрување на капацитетите на локалните засегнати страни за зачувување на природата и одржливо користење на природните ресурси во Брегалничкиот регион.