Доделени наградите за најдобрите фотографии на тема „Биолошката разновидност во Брегалничкиот регион“
Во рамки на централниот настан за одбележување на 22 мај, меѓународниот ден на биолошката разновидност кој оваа година се одржа во Делчево, граѓаните имаа можност да ја видат и изложбата на најуспешните фотографии од конкурсот на тема „Биолошката разновидност во Брегалничкиот регион“ кој беше објавен од страна на Програмата за зачувување на природата во Македонија. Авторите на најдобрите три фотографии добија пригодни награди од страна на организаторот. Амбасадорот на Швајцарија и Националниот тим лидер на Програмата за зачувување на природата во Македонија ги врачија наградите и им честитаа на победниците.
I-ва награда освои фотографијата „Раскошот на пролетта“ на авторот Ивана Попчевска,
II-ра награда освои фотографијата „Кокичиња -2“ на авторот Владо Филипов и
III-та награда освои фотографијата „Јазовец“ на авторот Стојан Арменски.
Победникот на конкурсот Ивана Попчевска е матурантка, која е голем љубител на природата и аматерската фотографија е нејзино хоби. Досега има учествувано и на други конкурси за аматерска фотографија и добитник е на повеќе награди. „Не очекував дека ќе бидам наградена на овој конкурс и добиената награда пријатно ме изненади. Ова ќе ми биде поттик и понатаму да продолжам со фотографирање на природните убавини на регионот“- изјави Ивана откако ја прими наградата.