Одбележан Светскиот ден на водата во Кочани
Оваа година настанот за одбележување на Светскиот ден на водата во Брегалничкиот регион се одржа на 24.03.2014 година (понеделник) во 12.00 часот на платото пред фонтаната во центарот на Кочани. Настанот беше организиран од страна на Проектот за управување со речниот слив на реката Брегалница, а во негова реализација учествуваа и Програматата за зачувување на природата во Македонија и проектот Едукација за зачувување на природата во Брегалничкиот регион, со цел заедничко одбележување на Светскиот ден на водата од страна на проектите финансирани од Швајцарската конфедерација кои се реализираат во Брегалничкиот слив.
Секоја година овој ден се одбележува под различно мото, а мотото за оваа година е „Водата и енергијата“ и токму во тој контекст беа активностите во Кочани.
Најмладите од локалните училишта од Кочани ги покажаа своите ликовни таленти на темата „Водата е живот на природата“ со што трите проекти фиансирани од Швајцарската конфедерација сакаат да го насочат вниманието на најмладите кон значењето на водата за природата.
Стручни лица од ЈКП „Водовод“ од Кочани вршеа бесплатни био-хемиски анализи на водата за сите заинтересирани граѓани кои носеа примероци на вода од нивните бунари, јавни чешми или природни извори. Со цел да може да се услужат што е можно повеќе граѓани, стручни лица од Проектот за управување со речниот слив на реката Брегалница на 20.03.2014 година (четврток) од 12:00 до 13:00 часот имаше поставено возило и тим пред општинската зграда во Кочани.
Во име на трите проекти, настанот го отвори Владимир Ставриќ, консултант и локален координатор на Проектот за управување со речниот слив на реката Брегалница. На настанот беа присутни преставници на МЖСПП, како и на донаторот на програмите SDC и SECO.
Штандот на Програмата за зачувување на природата во побуди голем интерес кај присутните граѓани, кои имаа можност да добијат промотивни материјали и подетално да се запознаат со активностите на проектот.