Програмата за зачувување на природата во Македонија ја посетија студенти од Швајцарија
Како дел од соработката меѓу Универзитетот за применети науки од Берн, Швајцарија и Шумарскиот факултет во Скопје, во рамки на „Програмата за зачувување на природата во Македонија“, во периодот од 22.06.2013 до 06.07.2013 Источниот плански регион го посетија студентите Жаклин Бутикофер и Самуел Кнеубухлер. Овие двајца студенти под менторство на проф. Јурген Бласер го избраа Источниот плански регион за место каде што ќе изработуваат дел од своите дипломски работи. Жаклин Бутикофер работеше на подготовка на нејзината дипломска тема: Клучни аспекти за воспоставување на Биосферен резерват на UNESCO – Преносливост на концептот на биосферен резерват од Ентлебух Швајцарија во Брегалничкиот регион, Македонија, додека Самуел Кнеубухлер работеше на темата „Управување со биолошката разновидност и климатските промени во шумите во Источна Македонија (горен дел од сливот на Брегалница)“.
Целта на истражувањето на Жаклин, беше да се направи споредба на состојбата во Македонија и Швајцарија и да се утврдат можностите за воспоставување на Биосферен резерват на UNESCO во Македонија. За таа цел, таа ги посети општините Берово, Пехчево и Делчево, каде спроведе интервју со претставници на општините и локалните невладини организации. Исто така ги посети оризиштата во Чешиново-Облешево и имаше состаноци со претставници на општинската администрација, Кластерот за ориз и дел од бизнис секторот. Самуел Кнеубухлер имаше теренска посета на Малешевските планини каде со професорот од Шумарскиот факултет во Скопје, Проф. д-р Николчо Велковски и со поддршка на претставници од подружниците на ЈП Македонски шуми од Берово и Пехчево вршеа теренски истражувања потребни за неговата тема. Студентите исто така го посетија и Преспанскиот регион каде имаа можност да се запознаат со искуствата од проектот Restoration of the Prespa Lake ecosystem спроведен од UNDP. Студентите имаа средби и со претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, Шумарски факултет – Скопје, Македонско еколошко друштво, Канцеларијата на UNESCO во Скопје, како и со претставници на SDC.
Проектниот тим за координација на „Програмата за зачувување на природата во Македонија“ даде целосна поддршка и активно учествуваше во планирањето и реализацијата на сите активности. Со оваа активност започна остварувањето на зацртаните цели на Програмата во делот на вклучување на студентите и професорите од двата факултети во активностите поврзани со воведување на зачувувањето на биодиверзитетот во едукативниот процес.