Подобрена наставна програма на Шумарскиот факултет во Скопје
Во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП), Шумарскиот факултет – Скопје, УКИМ имаше можност во период од неколку години со поддршка од Бернскиот Универзитет за применети науки од Швајцарија да работи посветено на подобрување на наставните програми во насока на зголемување на обемот на теми за биолошка разновидност како и за воведување на најновите практики во шумарството како наука. Во процесот, професорите имаа можност да се запознаат со наставните програми на повеќе шумарски факултети од Европа со акцент на областите поврзани со биолошката разновидност и зачувувањето на природата. Притоа се овозможи во наставните програми на Шумарскиот факултет – Скопје, УКИМ да се внесат поважните аспекти на биолошката разновидност, зачувувањето на природата, другите функции на шумата, новите пристапи во одгледувањето на шумите како и воведување на елементите на екосистемскиот пристап во управувањето со шумите и пејзажите. Преку овие промени, најголема корист ќе имаат идните студенти, најмногу заради приближувањето на програмите кон најновите трендови во современото европско шумарство, не само од научен туку и од практичен аспект. Современите теми и пристап се на некој начин и гаранција за поголема атрактивност на севкупната наставна програма, и тоа на сите три насоки на УКИМ ШФ во Скопје. Во овој процес беа вклучени повеќе од 50 % од наставниот кадар на УКИМ Шумарски факултет во Скопје кои преку голем број на работилници и активна комуникација со колегите од Бернскиот Универзитет за применети науки успеаја да ги направат потребните измени во наставната програма.
Преку одржаните блок предавања и теренската настава во соработка со професори од Бернскиот Универзитет за применети науки од Швајцарија се овозможи пренос на искуства во областа на заштитата на природата и зачувување на биолошката разновидност, кои во изминатиот период биле помалку застапени во наставната програма на ШФ. Со реализацијата на овие предавања во брегалничкиот регион како студентите така и професорите имаа можност да се запознаат со класификацијата на шумите во Швајцарија со високи вредности за биодиверзитетот, шумарската администрација во Швајцарија, партиципативниот пристап во решавањето на конфликтите во шумарството, примена на голем број мобилни апликации поврзани со шумарството, пристапот кон шумите од аспект на екосистемски вредности, а не само економски, и сл.
Преку спроведувањето на овие две активности ПЗП паралелно придонесува кон запознавање со новите пристапи во шумарството на постоечките студенти преку блок предавања, но и преку подобрената наставна програма за идните студенти на Шумарскиот факултет во Скопје.
На крајот од годината Шумарскиот факултет од Скопје организираше настан за промоција на резултатите во рамки на процесот на подобрување на наставната програма. На настанот свои обраќања имаа г-ца Марјана Шушлевска – национален тим лидер на ПЗП, проф. д-р Кирил Сотировски, в.д. Декан на УКИМ Шумарски факултет во Скопје и проф. д-р Влатко Андоновски, координатор на проектот за УКИМ Шумарски факултет во Скопје. На овој настан презентација имаа и студентите на УКИМ Шумарски факултет – Скопје кои ги реализираа своите дипломски и магистерски тези со поддршка на Програмата за зачувување на природата во Македонија, а во соработка со студенти и професори од Бернскиот Универзитет за применети науки од Швајцарија.