Се продлабочува соработката на Шумарскиот факултет во Скопје со Универзитетот за применети науки во Берн
Во рамки на програмската активност Подобрување на едукативниот систем и воведување на зачувувањето на биолошката разновидност на Шумарскиот факултет во Скопјеи воспоставената соработка помеѓу Шумарскиот факултет во Скопје и Универзитетот за применети науки во Берн, во текот на ноември 2013 година, претставници од Шумарскиот факултет во Скопје остварија официјална посета на Универзитетот за применети науки во Берн, со цел да се запознаат поблику со активностите во делот на управување со шумите и зачувување на биолошката разновидност во овој дел од Швајцарија како и да се дефинираат следни чекори за соработка помеѓу двете институции. За време на посетата беа остварени повеќе работни средби со претставници на Универзитетот за применети науки во Берн, претставници од Министерството за животна средина на Швајцарија, како и со претставници на Helvetas Swiss Intercooperation. На овие средби подетално беа анализирани конкретни предлози за соработка во текот на 2014 година, меѓу кои изведување на настава во вид на блок предавања за студентите на Шумарски факултет во Скопје од страна на професори од Универзитетот во Берн; реализација на заеднички наставно-теренски активности; поддршка во имплементацијата на дел од активностите на Програмата за зачувување на природата во Македонија, вклучително и поголема застапеност на изучувањето на биоразновидноста во студиските програми на Шумарскиот факултет во Скопје; како и можноста за размена на студенти во рамки на други програми поддржани од ЕУ. Покрај тоа, претставниците на Шумарски факултет – Скопје имаа можност да го посетат и Биосферниот резерват Ементал.
Според проф. д-р Николчо Велковски, оваа област наликува на подрачјето на Малеш во поглед на шумовитоста на подрачјето, сопственоста на шумите, аграрниот амбиент и поврзаноста на луѓето со природата, но многу се разликува во начинот на управување со шумите кој овозможува шумата и целиот регион да делуваат како место каде владее природата и природните законитости, а човекот своето право на користење на шумата го остварува на начин кој не предизвикува трајни оштетувања на шумата и целокупниот еко систем. Начинот на кој се чуваат и одгледуваат шумите во Биосферниот резерват Ементал е пример за менаџирање со шумските ресурси кој може да се примени и на други места, вклучително и Малеш.