Како одржливиот развој ја чува природата?
Одржливиот развој е клучен концепт чија цел е постигнување на рамнотежа помеѓу потребите и барањата за природни ресурси на оваа генерација и зачувување на барањата и потребите на идните генерации. Како концепт, одржливиот развој нуди насоки како може да се справуваме со промените во животната средина, без да се влијае врз загуба на квалитетот на животот што современиот човек го има денес. Преку прифаќање на само дел од практиките на одржливиот развој, можеме значајно да придонесеме кон зачувување на животната средина и обнова на загрозените екосистеми.
Еден важен аспект од одржливиот развој е разумно користење на енергијата и промовирање на користење на енергија од обновливи извори. Прв чекор кон зачувување на енергијата е нејзиното разумно користење преку системи и начини кои даваат максимално искористување на енергетскиот потенцијал. На пример: Одгледување на храна, на традиционален начин, во рамки на локалната заедница, значајно ја намалува потрошувачката на енергија која се користи за транспорт, загревање или ладење. Понатаму, одржливиот развој поттикнува и разумно користење на природните материјали и ресурси. Ова значи одмерено искористување на водата, нејзина реупотреба и домаќинско управување, ограничено искористување на песок и минерали и одржливо искористување на шумите со цел заштита на екосистемите од понатамошно уништување. Одржливиот развој поттикнува и заштита на биолошката разновидност, преку промовирање на важноста за зачувување на екосистемите, живеалиштата и биолошките „жешки точки“. Преку имплементација на заштитени подрачја и зони, одржливо земјоделство, програми за пошумување се прави повеќеслојна заштита на деликатната рамнотежа помеѓу природата и човечките потреби.
Одржливиот развој нуди холистички, целокупен пристап кон зачувување на природата. Преку промена на само дел од практиките, и примена на методите и насоките од овој начин на развивање ние ја чуваме природата, ги развиваме заедниците, без да влијаеме негативно врз идните генерации.