Екосистемски услуги – чекор кон одржлив развој
Постојаното и долгогодишното неодржливо и неразумно искористување на природата и природните ресурси ја води животната средина кон целосно уништување. Одржливиот развој и умерената употреба на природните ресурси се само неколку начини со кои може да ја заштитиме животната средина. Главната цел на одржливиот развој е постигнување на рамнотежа помеѓу искористувањето на природните ресурси потребни за социо-економски развој и заштита на екосистемите кои се клучни за опстанок на човекот и општеството. За жал не постои идеално решение или магично стапче за решавање на оваа рамнотежа затоа, потребно се истражувања и анализи на локално и регионално ниво, пред носење на одлуките. Прв чекор кон градење на одржлив развој преку користење на екосистемски услуги е секако разбирање како овие услуги допринесуваат на животот на заедницата, кој придобива од нив, кој губи и каква ќе биде иднината со и без нив.
Воспоставување на систем на екосистемски услуги значи нивно интегрирање во планирањето, развојот на заедница, регионот и државата, нивно вклучување во градењето на енергетските, урбанистичките, инфраструктурните и еколошки стратегии како и третирање на екосистемските услуги како економско развојна алатка.
Поврзаноста на екосиситемските услуги и одржливиот развој се гледа преку придобивките што се добиваат доколку се заштитат екосистеми. Екосистемските услуги се опипливи, реални појави во природата и општеството. Тие се физички појави кои можеме да ги допреме, вкусиме и почувствуваме. Тие може да се директни како: храна, вода, заштита од поплави и ерозија или пак индиректни како место за релаксација и спиритуалност. Но, најчесто овие услуги доаѓаат во пакет – тие не можат да се раздвојат во природата. Па така, една шума претставува избор на храна, материјал за градба, енергенс, место за релаксација како и избор на лековите билки.
Економската вредност на екосистемските услуги доаѓа преку монетизирање на дел нив преку градење на различни стопанства, уредување на заштитените подрачја, развој на алтернативен еколошки туризам, разумно користење на шумските плодови и агроеколошки практики. Затоа, овој вид на услуги води до одржлив развој на локалните заедници – зошто обезбедува можност за економски и општествен развој без трајни неповратни штети врз природата.
Македонија со своите природни вредности има огромен потенцијал во развој на методата на екосистемски вредности, што би обезбедило услови за заштита на природата, ретките екосистеми истовремено обезбедувајќи можност за вработување и развој на локалните рурални заедници кои поради лоша економска состојба се подложни на миграција што води до замирање на заедниците.