Одржана дводневна работилница за развој на агротуризмот во брегалничкиот регион
Во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – излезна фаза, на 10.06 и 11.06.2021 година во Кочани беше одржана дводневна работилница за агротуризам под менторство на експертот за агротуризам проф. д-р Кристијан Баумгартнер од Универзитетот за применети науки Graubünden во Швајцарија.
Заедно со проф. д-р Кристијан Баумгартнер учесниците разработуваа идеи за активен, агро и екотуризам во брегалничкиот регион, притоа формирајќи нацрт интегрирани туристички понуди кои Програмата има за цел да ги поддржи во нивната успешна реализација.
Настанот го отвори градоначалникот на општина Кочани, г-дин Николчо Илијев, а сите присутни беа запознаени и со проектните активности на Програмата за зачувување на природата која голем дел од своите активности ги посветува на развојот на агро и еко туризмот во овој регион.
На учесниците им беа претставени успешни меѓународни примери за агротуризам но и како се одвива организацијата и развојот на агротуризмот во заштитени подрачја во регионот и во Европа.
Во посебни работни групи беа разработени потенцијалните интегрирани туристички понуди на одредени производи и услуги во брегалничкиот регион преку спојување на повеќе даватели на услуги и формирање заедничка понуда за домашни и странски туристи кои се заинтересирани за активен одмор во овој регион.
Идеите за интегрирани туристички понуди кои беа разработени за време не работилницата учесниците во следниот период ќе ги преточат во конкретни предлог проекти кои ќе бидат поддржани од страна на Програмата.
Работилницата беше организирана од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – излезна фаза, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем.