Нов прирачник за „Алтернативни методи за контрола на Varroa destructor во пчелните семејства“
Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), со цел интегрирање на современи одржливи практики во пчеларството, за првпат во нашата држава спроведе научно-апликативно истражување за примена на биотехнички методи за контрола на крлежот (Varroa destructor) во летниот период, како замена на вообичаената употреба на синтетички хемиски средства. Истражувањето беше спроведено од 2017 до 2019 година со учество на членови на Јадрената група на пчелари од Брегалничкиот регион „Меден исток“-Кочани, кои ги спроведуваат принципите на одржливо пчеларење.

Од добиените резултати, воедно споредувајќи ги со други европски истражувања, подготвен е прирачникот „Алтернативни методи за контрола на Varroa destructor во пчелните семејства“ на македонски и англиски јазик. Во овој прирачник на најмодерен начин на принципот-чекор по чекор објаснети се методите: Затворање на матицата во кафез, Отстранување на легло и Рамка изолатор. Прирачникот има иновативен пристап за едукација на пчеларите, кои со скенирање на QR кодовите од прирачникот може да пристапат до видеозаписи и практично да се запознаат со методите. Со примената на овие биотехнички методи сметаме дека пчеларите ќе ги подобрат пчеларските практики, со кои ќе се овозможи добивање на безбедни и квалитетни пчелни производи, а при тоа зачувувајќи ја природата.
Прирачникот можете да го симнете бесплатно на следниов линк: Алтернативни методи за контрола на Varroa destructor во пчелните семејства
Автори на прирачникот се д-р Александар Узунов, вонреден професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и д-р Ралф Бихлер, раководител на Институтот за пчеларство во Кирхајн, Германија.