Обуки за јакнење на капацитетите за екосистеми и екосистемски услуги
Од почетокот на 2020 година Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – фаза 2 започна со спроведување на пилот обука за јакнење на капацитетите на заинтересираните страни за концептот за екосистеми и екосистемски услуги. Обуката се состои од неколку модули кои ќе се спроведуваат во периодот од јануари до јуни 2020 година. На обуката учествуваат претставници од државни институции, јавни претпријатија, агенции, институти, управувачи на заштитени подрачја (национални паркови, споменици на природата, парк на природа) како и невладини организации. Целта на оваа пилот обука е заинтересираните страни да ги зајакнат своите капацитети и знаење за екосистемите и екосистемските услуги и постепено да започнат да го воведуваат овој концепт во својата работна средина.

Првиот модул од оваа обука со наслов „Вовед во концептот за екосистеми и екосистемски услуги и сродни концепти“ се одржа во периодот 29-30 јануари 2020 во х.Mанастир во Берово. Предавач на овој модул беше д-р Светла Братанова Дончева од Бугарската Академија на Науките, претставник на Бугарија во MAES (Mapping and assessment of ecosystems and their services) групата на Европската Унија. На овој модул учесниците имаа можност да се запознаат подетално со неколку концепти, како на пример: одржлив развој (концепт и пристап), екосистемски пристап, екосистемски интегритет и улога на биолошката разновидност во фунционирањето на екосистемите, концепт на екосистемски услуги, како и концепт на DPSIR (Driver, Pressure, State, Impact and Response) методологијата.

Вториот модул со наслов „Картирање и проценка на екосистемите и екосистемските услуги“ се одржа во периодот 17-18.02.2020 во х.Холидеј Ин во Скопје. Предавач на овој модул беше д-р Sylvie Campagne од Институт за просторна географија и пределна екологија при Лајбниц Универзитетот во Хановер, Германија. Преку овој модул учесниците добија основни познавање за снабдувањетото/протокот/побарувачката на екосистемски услуги, просторната и временската хетегореност и trade-off – врски помеѓу екосистемските услуги, различните методи (биофизички, економски и социјални), индикатори и модели за проценка на услугите и нивно картирање, како и примена на услугите во креирањето на политики и донесувањето на одлуки.