Повик за учество на фармери во проект за одржливо производство на ориз во Брегалничкиот регион
Програмата за зачувување на природата во Македонија објавува повик за учество на фармери во проект за одржливо производство на ориз во брегалничкиот регион за 2018 година. Со оваа активност Програмата за зачувување на природата во Македонија сака да придонесе кон промовирање и примена на одржливи практики во оризопроизводство, кои ќе им овозможат на земјоделците да ги зголемат приносите, да имаат пониски производствени трошоци и да го намалат негативното влијание врз животната средина.
Дел од овие практики вклучуваат:
- Контролирана употреба на вода;
- Контролираната употреба нa вештачки ѓубрива, хербициди и пестициди;
- Рамнење на полињата;
- Употреба на редосеалка и др.
Практиките за одржливо производство на ориз се применуваа на експериментални парцели уште во првата фаза на Програмата за зачувување на природата во Македонија. Доколку сакате да дознаете повеќе за самиот процес, погледнете го следново видео:
Ги повикуваме сите заинтересирани фармери, производители на ориз, да се пријават за учество, а особено се охрабруваат младите лица и припадничките на женскиот пол.
Критериуми за избор на кандидатите се:
- Кандидатот да биде полнолетно лице државјанин на Р. Македонија
- Парцелата да биде во сопственост на кандидатот и да е со големина од 0,1ha до 0,5ha
- Парцелите да бидат блиску до главните патни правци и со можност за одредена контрола на водата за наводнување
- Кандидатите треба да овозможат следење, надзор и контрола на парцелите вклучени во проектот од страна на тимот на Програмата, експертите и фармер- водач, во секое време
- Кандидатите да водат евиденција во однапред подготвени пасоши за примена на практиките на избраните парцели
- Кандидатите треба да соработуваат со тимот на Програмата, експертите и фармерот – водач
Повикот е отворен до 16 март 2018 година до кога сите заинтересираните кандидати треба да достават пополнета пријава за учество на е-пошта: katerina@farmahem.com.mk или пак на адреса ул.Кичевска 1, 1060 Скопје. Селекцијата на фармерите ќе се изврши од страна на Програмата, најдоцна до 25 март 2018 година.