Велосипедски патеки во регионот на Брегалница
Регионот на Брегалница поради разноликиот релјеф дава можност за атрактивни вело-тури. Во рамките на проектните активности на Програмата за заштита на природата се креирани три велосипедски патеки, кои освен стази за возење со информативните табли ги едуцираат велосипедистите и посетителите. Досега во рамките на програмата се уредени три патеки: Велосипедска патека „Убавините на Пехчево на велосипед“, Рекреативната велосипедска патека „Илин Камен“ и Планинската велосипедска патека Голак.
Велосипедска патека „Убавините на Пехчево на велосипед“ е со вкупна должина од 10 km и го поврзува градот Пехчево со трите туристички локалитети „Вртена скала“, „Делибови кашчи“ и „Јудови ливади“.
Овие три локалитети се на јужната падина на фосилната вулканска купа Буковик (1723 m) која се издига високо над Пехчево. „Вртена скала“ е позната по специфичната карпа со отвор во средината. „Делибови Кашчи“ пак е кратка пештера за која се верува дека била прибежиште на некој османлиски арамија Дели Ибо, кого локалното население го протерало поради зулумите што ги правел. Локалитетот „Јудови ливади“ е познат по инсектојадното растение муволовка. Трите локалитети се на 1100-1400 m надморска височина, а на таа височина главно е и велосипедската патека. Поради поставеноста, на дел од патеката има преубав поглед, така што во исто време може да се гледаат градовите Пехчево и Берово, потоа селата Русиново, Владимирово, Мачево, Робово и др. На оваа патека се поставени повеќе едукативни табли кои содржат информации за карактеристиките на одредени растителни и животински видови од брегалничкиот регион. Истата е маркирана, со повеќе патокази, канти за отпадоци, а изготвена е и мапа за олеснато движење. За полесно снаоѓање по оваа, но и другите патеки, Општината Пехчево има 7 обучени локални водичи во природа, кои се секогаш тука за на посетителите да ги покажат убавините на Пехчево и околината.
Рекреативната велосипедска патека „Илин Камен“ е долга 5 km и ги поврзува градот Делчево со локалитетот „Илин Камен“.
Излегувајќи од Делчево на околу 600 m надморска височина, патеката првин минува по ридест терен до с. Ѕвегор, а од тука постепено се искачува до 880 m надморска височина кај Илин Камен. Според тоа, висинската разлика е 280 метри, што на должина од 5 km значи релативно мал наклон, без нагли успони и спуштања. Затоа е погодна за рекреативен велосипедизам, но и за пешачење во природа. Патеката е поплочена со цврста подлога – бекатон, а има и осветлување, што значи дека може да да се користи и ноќе. На повисоките делови, над с.Ѕвегор има одлични панорамски позиции со поглед кон околните планини, долината на Брегалница и Пијанец. Едноставно, создадена за уживање и релаксација.
Планинската велосипедска патека Голак е со вкупна должина од 6800 m и е поставена во највисоките делови на планината. Започнува во непосредна близина на вила „Гранит“ од каде продолжува покрај спортските терени и се искачува покрај вила „Фротирка“.
Од овде продолжува до манастирот Св. Пантелејмон, каде на еден мал дел поминува по асфалтен пат. Самиот манастир е на 1500 m надморска височина и од него се протега одличен панорамски видик во далечина. Од манастирот Св. Пантелејмон, патеката се спушта покрај „Бун чешма“ и продолжува длабоко по шумските предели на планината Голак. Заобиколувајќи го врвот Чавка (1536 m), патеката продолжува низ предел богат со растителни и животински видови, кој што е дел и од патеката на биодиверзитетот. Планинската велосипедска патека Голак има висинска разлика од 182 m, при што најниската точка е на 1322 m, а највисоката е на 1504 m. Главно минува по макадам, шумски пат, а на помало растојание по локалниот асфалтен пат. Патеката е обележана со информативни табли, мапа и патокази согласно стандардите за планински велосипедски патеки. Со умерено, релаксирано возење, може да се помине за околу половина час.